ПОЖАРИ • КРИТИЧНИ 48 ЧАСА ЗА БОРДО И ЗА МАДРИД Огнената стихија избрка повеќе од 320.000 луѓе од нивните домови

Метеоролозите предупредуваат дека кризата може дополнително да се продлабочи. Западна Европа повторно ја очекува нов топлотен бран со температури што на повеќе места ќе се приближат до 40 степени Целзиусови.

0

Пожарите што веќе неколку дена беснеат во југозападна Франција и во повеќе делови од Шпанија продолжуваат да се шират, а властите предупредуваат дека следните 48 часа ќе бидат пресудни.

Екстремните горештини, силниот ветер и долгата суша создадоа услови за едни од најопасните шумски пожари што Европа ги памети во последните години.






220.000 луѓе евакуирани од критичните зони во Франција

Во Франција најкритична останува областа Жиронд, југозападно од Бордо. Огнот, кој избувна минатата недела, се приближи на околу 15 километри од градот, принудувајќи ги властите да организираат масовни евакуации на населението и на туристите од крајбрежните населби, вклучувајќи го и популарниот Кап Фере. Досега се евакуирани околу 220.000 луѓе.

Повеќе од илјада пожарникари, поддржани од армијата, авиони и хеликоптери, непрекинато се обидуваат да го запрат ширењето на огнот. На помош пристигнаа и европски противпожарни тимови преку механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

Опасност демне и од феноменот пирокумулонимбус

Според француските власти, пожарот веќе зафатил повеќе од 420 квадратни километри, при што се уништени или оштетени над 240 куќи. Голем дел од шумите во регионот се претворени во јагленисана површина, а чадот се гледа на стотици километри.

Дополнителна загриженост предизвика појавата на таканаречен пирокумулонимбус – огромен облак создаден од самиот пожар. Тој произведува силни ветрови и молњи, кои можат да запалат нови пожари и нагло да ја сменат насоката на ширење на пламените јазици.

Научниците велат дека ова е првпат ваков феномен да биде регистриран во Франција.

Страшно е и во Шпанија

Ништо подобра не е состојбата ниту во Шпанија. Земјата и натаму е под национална вонредна состојба поради повеќе големи пожари во централните и источните региони. Најтешка е ситуацијата околу Мадрид, Авила и околу Кастељон, каде што огнот зафати огромни површини шума и ниска вегетација.

Во Шпанија досега се евакуирани или привремено раселени речиси 100.000 луѓе, а дел од пожарите сè уште не се ставени под контрола. Во покраината Кастељон, и покрај нешто поповолните временски услови во текот на ноќта, пожарникарите и натаму водат тешка битка со огнената стихија.

Што велат метеоролозите

Метеоролозите предупредуваат дека кризата може дополнително да се продлабочи. Западна Европа повторно ја очекува нов топлотен бран со температури што на повеќе места ќе се приближат до 40 степени Целзиусови, што значително ќе ја зголеми опасноста од нови пожари.


Експертите објаснуваат дека годинашната сезона е особено опасна затоа што влажната зима овозможила бујна вегетација, која подоцна целосно се исушила поради неколкуте последователни топлотни бранови. Така се создала огромна количина лесно запалив материјал, кој овозможува пожарите експлозивно да се шират.

Дополнителен проблем претставуваат променливите ветрови и сувите грмотевици, кои носат молњи без значителни врнежи. Наместо да помогнат, тие често отвораат нови жаришта и ја усложнуваат работата на противпожарните екипи.

Властите во двете земји апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите за евакуација, да избегнуваат патувања во погодените области и да бидат внимателни поради густите облаци чад, кои веќе влијаат врз квалитетот на воздухот во голем дел од Франција и Шпанија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 7NEWS Australia (@7newsaustralia)

Поврзани содржини