НЕ Е АРТРИТИС, ПАРКИНСОН Е! Карли Сајмон откри кои симптоми први ѝ покажале дека боледува од подмолната болест
Популарната пејачка со години имала сериозен артритис на колковите и на колената, поради што морала да се подложи на неколку операции. Но, кога се соочила со сериозни проблеми со мобилноста, лекарите дошле до вистинската дијагноза.
Осумдесет и тригодишната уметница Карли Сајмон јавно откри дека боледува од Паркинсонова болест, објаснувајќи дека долго време се обидувала да разбере што навистина се случува со нејзиното здравје, пред да реши да зборува за тоа.
Американската пејачка, текстописец и добитничка на бројни музички награди Карли Сајмон е една од најголемите музички ѕвезди на 1970-тите години. Таа е автор на безвременски хитови како „You’re So Vain“ и „Nobody Does It Better“, а во кариерата освои „Греми“, „Оскар“ и „Златен глобус“, оставајќи длабока трага во светската поп и рок музика.
Во емотивното обраќање, Сајмон раскажува дека првите знаци не ги поврзувала со невролошко заболување. Таа со години имала сериозен артритис на колковите и колената, поради што морала да се подложи на неколку операции за замена на зглобови. Очекувала дека по рехабилитацијата повторно ќе може нормално да се движи, но тоа не се случило.
Наместо подобрување, нејзината подвижност продолжила да се влошува. Во одредени периоди, признава Сајмон, не можела ниту да оди без значителна помош, што било јасен сигнал дека причината е нешто многу посериозно од последиците на операциите. По детални испитувања на клиниката „Мајо“, лекарите ја поставиле дијагнозата – Паркинсонова болест.
Пејачката открива дека болеста кај неа не се манифестира само преку проблеми со движењето. Најтешки ѝ се деновите кога чувствува силен замор и необјаснива апатија, состојба во која нема волја ниту да стане од кревет, ниту да чита, пишува, пее или да разговара со луѓето околу себе.
Сајмон нагласува дека Паркинсоновата болест е многу непредвидлива. Има денови кога едвај може да функционира, но има и такви кога повторно чувствува доволно сила да размислува, да работи и да се занимава со музика. Таа веќе прима терапија и вели дека сè уште учи како да живее со новата реалност.
Покрај Паркинсоновата болест, музичката легенда неодамна се лекувала и од базоцелуларен карцином на кожата на лицето. Операцијата била успешна, но промените во изгледот дополнително придонеле да се повлече од јавноста во изминатиот период.
И покрај сите здравствени предизвици, Карли Сајмон порачува дека не се откажува од музиката. Наскоро ќе го објави албумот „Comes in Waves“, прв со нови авторски песни по речиси две децении, истакнувајќи дека токму музиката ѝ помогнала да остане активна, креативна и исполнета додека се соочува со болеста.