ПОПУШТА СТРАВОТ ОД НОВА КАТАСТРОФА ВО НЕПАЛ Природната брана не се урна, спасувањето продолжи

Најтешката спасувачка операција се одвива кај хидроцентралата „Апер Тришули-1“, каде што се верува дека повеќе од 100 луѓе се заробени во тунел исполнет со кал длабока од 1,2 до 1,5 метри.

0

Опасноста од нов катастрофален поплавен бран во Непал значително се намали, откако водата од езерото создадено зад природната брана на кинеската страна почна постепено да истекува. Надлежните не регистрирале нагло уривање на браната, какво што можеше да предизвика нова разорна поплава во веќе опустошените подрачја.

Спасувачките операции во петокот привремено беа прекинати поради информациите дека езерото почнало да се прелева. Екипите се повлекле на безбедни места, но по процената дека истекувањето е постепено и дека опасноста може да се контролира, потрагата по преживеани била обновена.






Сателитските снимки покажале дека нивото на водата се намалило за околу 10 метри во споредба со највисокото ниво измерено во четвртокот. Површината на езерото до саботата наутро се намалила од околу 120.000 на 99.000 квадратни метри, а на одделни места веќе станало видливо и езерското дно.

Потрагата на непалската страна денеска повторно била накратко прекината поради дождот и густата магла. Хеликоптерите, сепак, продолжиле со операциите пред пладне, евакуирајќи преживеани од загрозените населби и доставувајќи храна, лекови и друга итна помош. Денешниот прекин, според надлежните, бил предизвикан од лошото време, а не од ново попуштање на природната брана.

Опасноста сè уште не е целосно отстранета. Кај подножјето на урнатиот глечер е откриена уште една, поголема водна акумулација, со површина од над 120.000 квадратни метри, чија длабочина засега не е утврдена. Двете езера се следат 24 часа со сателити, радари и беспилотни летала, а спасувачите треба да бидат предупредени најмалку 30 минути однапред доколку се појави нова опасност.

Билансот на жртвите продолжува да расте. Според последните официјални податоци, во Непал загинале најмалку 626 луѓе, а 2.426 се водат како исчезнати. Во кинески Тибет се потврдени 7 загинати и 554 исчезнати. Во двете земји вкупно се бараат речиси 3.000 луѓе, додека во Непал досега се спасени повеќе од 3.700 лица.

Најтешката спасувачка операција се одвива кај хидроцентралата „Апер Тришули-1“, каде што се верува дека повеќе од 100 луѓе се заробени во тунел исполнет со кал длабока од 1,2 до 1,5 метри. Непал побара специјализирана помош од Индија и од Кина за спасување од тунели, пронаоѓање преживеани, обновување на уништените патишта и мостови и за ДНК-идентификација на жртвите.

Поврзани содржини