ПОЛ ДА НЕ СЕ ПРАВИ НА ТРИ И ПОЛ Еден белосветски тезгарош и Али Ахмети ќе ја парчосувале Македонија, како да е од татко им!
Што сака да постигне Али Ахмети, ангажирајќи го експертот Пол Вилијамс, учесник во подготовките на Охридскиот договор во 2001 година, за да смисли поделба на Македонија по региони? „Државата им припаѓа на граѓаните, не сте ја добиле од татко ви, па да ја делите и да ја продавате парче по парче“, им порача пратеникот Аднан Азизи од коалицијата Вреди на Али Ахмети и на партијата ДУИ.
„Досега ја крадеа Македонија како целина, а во иднина, според платформата на Пол Вилијамс, ќе ја крадат по региони“.
Вака поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини ја искоментира одлуката на лидерот на ДУИ Али Ахмети да ангажира странски експерти за да разгледаат модел за поделба на Македонија по региони, по примерот на Северна Ирска и на Белгија.
Еден од тие експерти е токму Пол Вилијамс, учесник во подготовките на Охридскиот договор во 2001 година, кој неодамна јавно призна дека работи на прашањето на „непочитување на Рамковниот договор и меѓуетничкиот легитимитет на институциите во државата“.
Но, прашањето што сега се поставува е што навистина сака ДУИ да постигне со иницијативата за преуредување на државата, односно со озаконување на правилото „победник со победник“? Дали целта на Ахмети е „правилно читање на Рамковниот“, или можеби целосно нов договор за ново уредување на државата? Колкави се шансите да се исполни желбата на Ахмети?
Одговори на овие прашања добивме од универзитетски професори, дипломати, политички експерти…
Или војна или револуција
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во разговор за Плусинфо открива дека во 1990-те години во Лондон се запознал со Пол Вилијамс, кога тој самиот барал ангажман во Македонија, но бил одбиен од властите во Скопје.
Желбата на Али Ахмети е опасна, но таа е губење време и класично загрозување на мирот и безбедноста на Македонија.
– Сите овие информации коишто доаѓаат од ДУИ значат само некакви обиди за прекројување на уставниот поредок на државата. Забораваат дека такво нешто се прави или со војна или со револуција. Користењето на Пол Вилијамс е само обид да им дадат поголемо учество на странците во земјава. Пол Вилијамс не е никаков креатор на Охридскиот договор, туку е само обичен тезгарош, кој бараше ангажмани во кризни подрачја како што беше Балканот на времето. Во 1990-те години, кога работев во Лондон, тој побара средба со мене и бараше да биде ангажиран во Македонија. Јас го поддржав тоа, бидејќи видов дека човекот има одредени капацитети и предложив да биде ангажиран, меѓутоа во Скопје немаше интерес и не го прифатија. Подоцна, тој се „пријави“ кај Албанците и тие го користеа во Охрид за време на подготовките на Охридскиот договор – објаснува Никовски.
Тој вели дека желбата на Ахмети за прекројување на Македонија е „удирање со стап во празна слама“.
– Желбата на Али Ахмети е опасна, но за среќа, таа е губење време и класичен обид за загрозување на мирот и безбедноста на Македонија. Тие ќе прават проблеми, тоа воопшто не треба да нѐ чуди, меѓутоа шанси за успех не постојат, бидејќи и нивните ментори Американците тоа нема да го дозволат – истакна Никовски.
Од друга страна, универзитетскиот професор Мерсел Биљали смета дека идејата на Ахмети за прекројување на Македонија е корисна, затоа што државата е мултиетничка, со уставни и институционални сегменти и со слаби фракции.
– Сега ДУИ е во опозиција и има легитимно право да го покрене ова прашање како аспект на визијата како целосно да се врати функционалноста на системот, но потребен е поширок тим од експерти од различни области. Не е лесно да се формулира, уште повеќе кога имаме Устав кој, ако седнат петмина експерти кои имаат големи познавања од Уставот, ќе видат многу големи внатрешни хендикепи и противречности – истакнува Биљали.
Државата не е од татко ви!
Ова го докажува нивниот менталитет дека државата е нивна приватна сопственост, која можат да ја третираат како што сакаат.
Државата им припаѓа на граѓаните, не сте ја добиле од татко ви, па да ја делите и да ја продавате парче по парче, им порача пратеникот Аднан Азизи од коалицијата Вреди на Али Ахмети и на партијата ДУИ.
Азизи забележува дека ДУИ прејде од зелена во национална агенда, но не од национални причини, туку заради пазарење.
– Не, ви гарантирам дека овој сон нема да се оствари. Додека беше во владата, ДУИ имаше апсолутна власт и крадеше без мера, ја пљачкаше државата од секој можен аспект, ја уништи секоја институција на државата и ја направи нефункционална, а сега велат дека божем сакаат да ја делат. Ова го докажува нивниот менталитет дека државата е нивна приватна сопственост, која можат да ја третираат како што сакаат. Но, државата им припаѓа на граѓаните, не сте ја добиле од татко ви, па да ја делите и да ја продавате парче по парче – потенцира Азизи.
Свесни сме, додава Азизи, дека прашањето на поделбата е нивна дневна политика, за да се обидат да избегаат од одговорноста за криминалот што го направиле.
Слична реакција официјално пристигна и од коалицијата Вреди:
– Тоа не е нешто ново што доаѓа од ДУИ, бидејќи оваа партија секогаш се обидува да се прикрие со повикување на големи теми како распадот на Југославија, територијална поделба, па дури и Отворен Балкан. Велиме дека не е нешто ново, бидејќи истата ДУИ правеше слични дејствија во политички монтираниот случај „Монструм“ и со „Случајот Куманово“ во населбата Диво Насеље, но и со прислушувањата кога високи личности од ДУИ беа вклучени во коруптивни и криминални зделки. Затоа за Коалицијата Вреди, но и албанскиот граѓанин, овие игри на ДУИ се веќе познати и знаеме дека преку ова се обидуваат да ги сокријат своите гревови, но ве уверуваме дека ќе одговараат пред органите на прогонот за злосторствата што ги направиле – велат од Вреди.
И министерот за здравство Арбен Таравари кој доаѓа од оваа коалиција истакна дека „идеите на ДУИ служат само за создавање конфузија и скептицизам“.
– ДУИ 22 години беше на власт, па ништо од ова што го кажува денеска не спроведе, ниту ѝ текнало. Сега кога е во опозиција, за 2 месеци, ѝ текнуваат разни идеи. Јас не сум против идеите, идеите се добри, но 22 години биле на власт и воопшто не размислувале за децентрализација која е дел од Рамковниот договор. Да не зборуваме сега за регионална поделба. Ние одамна сме дале идеа за подобро функционирање на државата, од аспект на фискална децентрализација и повторно го имаме во програма. Овие кога се во опозиција им текнуваат идеи кои се тешки за спроведување – изјави Таравари на вчерашната прес-конференција пред ГОБ „8 Септември“.
Сите против идејата на Ахмети
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на ДУИ дека конечно треба да сфати дека е во опозиција.
– ДУИ конечно треба да сфати дека е опозициска партија. Ајде јавно нека посочат од партијата на Али Ахмети каде во Мајскиот договор пишува коалицирање победник со победник?! Уставот не е партиски памфлет на ДУИ – велат ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека неприфатливи се уцените на ДУИ, со начелото секогаш кога оваа партија не е во Влада да создава етнички прашања и поделби.
– Посветено работиме за подобар живот за граѓаните и за одржување на хармонијата и квалитетните односи врз основа на решени проблеми, без поделби и конфликти – брифираат од партијата на Христијан Мицкоски.
Владиниот партнер ЗНАМ, пак, не сака ни да дискутира на таа тема.
– Сите одредби од Рамковниот договор се исцрпени и имплементирани во Уствот и во законите. Секоја наредна постапка е нова ситуација за која нема простор за дискусија – велат од партијата на Максим Димитриевски.
И опозицискиот СДСМ смета дека постизборните коалиции треба да се прават на база на усогласувањата на програмите и идеолошката позиција на партиите, а не да се условуваат по принципот „победник со победник“ во законска регулатива.
– Секој глас на граѓаните е еднаков глас и оттука несоодветни би биле законски измени по етнички клуч. Право на секоја партија и политички субјект е да избере коалициски партнер, пред или по изборите – велат од СДСМ.
Од Левица сметаат дека по 20 години од Рамковниот договор, за целата јавност е јасно дека покрај тоа што се сегрегира општеството и се создаваат очајни услови за живот кои ги угнетуваат и ги бркаат подеднакво Македонците, Албанците и другите етнички заедници од државата, овој договор служи и како инструмент за бесконечно одржување на ДУИ на власт.
Од ДУИ, пак, тврдат дека идејата за поделба на Македонија на региони, по примерот на Северна Ирска и Белгија, била само идеја која дошла од партиските ограноци, каде што, како што велат, се нафрлаат секакави опции.
– Точно е дека Али Ахмети има ангажирано американска правна екипа на експерти за да понудат платформа за меѓуетнички легитимитет на институциите на земјава, а тоа може најдобро да го подготват и предложат авторите на Охридскиот договор, како што е Пол Вилијамс. Се работи за една од најдобрите светски екипи и се надеваме дека ќе предложат платформа за надминување на сегашната криза на нелегитимната и моноетничка Влада во земјава – брифираат од ДУИ.
Што предвидува моделот на Белгија и Северна Ирска
Територијата на Белгија е поделена на три региони, од кои два, фламанскиот и валонскиот регион, се поделени на провинции.
Тие се поделени според јазиците. Третиот регион е Брисел-Капитал, кој не е ниту покраина ниту дел од провинција.
Северна Ирска е поинаква. Законот за Владата на Ирска донесен во 1920 година предвидува две делумни самоуправни единици во Ирска, јужниот и северниот дел.
Северниот дел има 6 области. Тие веќе не се користат за целите на локалната управа.
Наместо тоа, има 11 окрузи во Северна Ирска, кои беа создадени во 2015 година, заменувајќи 26 области што постоеја претходно.
СПМ: ДУИ иницира етнички поделби и конфликти
Вонинституционалното дејствување на ДУИ е спротивно на демократијата и интересот на граѓаните кои се згрозени од рекетарскиот и криминален настап за етнички поделби и конфликти, реагираше Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) преку соопштение.
„ДУИ со СДСМ направија непростивни предавства и злодела кон македонската држава и народ и затоа беа казнети на изборите. Тие не сакаат да ја прифатат волјата на народот да бидат опозиција и се обидуваат со пазарење за етнички поделби и територијален раздор да извлечат некаква корист. Ваквите приватни иницијативи на ДУИ се веќе видена работа и не треба да се толкуваат поинаку освен како прикривање на криминалните активности на кои се потврдени во досегашното владеење и за кои мора да одговараат“, велат од СПМ.
Социјалистичката партија на Македонија оценува дека ДУИ ако не е на власт, тогаш се обидува да ја сруши унитарноста на државата по етнички и територијален принцип спротивно на Уставот што е криминално однесување.
„ДУИ не ја интересираат ни Албанците ни Македонците туку само интересите на криминалната партиска врхушка“, се вели во соопштението.