ПО ПАЃАЊЕТО НА РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ, ГРАЃАНИТЕ ОЧЕКУВАА ПРАВДА, НО ТУКА НАЈМНОГУ РАЗОЧАРАВМЕ Оливер Спасовски за грешките не СДСМ
Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер, и тоа е точно. Но мислам дека и самите ние, преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа, влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање - рече Спасовски.
Без сериозна, детална и болна анализа за причините што доведоа до драматичниот пад на довербата кај граѓаните, СДСМ нема да може да понуди одговор како повторно да ја врати поддршката“ – рече поранешниот министерот за внатрешни работи во владата на СДСМ – Оливер Спасовски, во интервју на 4ТВ.
Спасовски рече дека партијата направила сериозни пропусти – од кадровската политика, па сè до неисполнетите очекувања за правда и длабоки реформи во правосудството.
– Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер, и тоа е точно. Но мислам дека и самите ние, преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа, влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање. Граѓаните го очекуваа тоа по рушењето на претходниот режим, а големите очекувања секогаш резултираат со големи разочарувања – изјави Спасовски.
Поранешниот министер оцени дека проблемот не е само кај една политичка структура, туку во целиот политички систем во Македонија, кој со години функционира врз основа на клиентелизам и партиски интереси.
– Сите партии, без исклучок, страдаат од истата болест – клиентелизам. Се решаваат проблеми на поединци, се пазари со вработувања, се договара кој на која функција ќе седне. Тоа носи краткорочни политички поени, но долгорочно ја уништува државата – рече Спасовски.
Според него, најголемиот дел од граѓаните не се партиски определени и токму тие го носат конечниот суд на изборите. Потенцираше дека државата мора конечно да престане да функционира како механизам за задоволување на теснопартиски интереси.
Тој очекува во земјава да има предвремени парламентарни избори и порача дека СДСМ мора сериозно да се подготви за секој можен изборен циклус.
– Факт е дека ќе има предвремени парламентарни избори. Тоа го најавував и претходно повеќепати. Партијата мора да биде подготвена секогаш за какви било избори што ќе ги имаме, без разлика дали станува збор за редовни или предвремени парламентарни избори – рече Спасовски.
Според него, партиското раководство треба уште поинтензивно да работи на организациско и програмско консолидирање на партијата, со цел да се изгради сериозна алтернатива на актуелната власт. Тој смета дека партијата треба да биде отворена за соработка со сите политички субјекти кои ги делат истите принципи и вредности како СДСМ.
– Треба да бидеме отворени за сите прогресивни сили кои ги делат вредностите на солидарност, правда и еднаквост и заеднички да ја градиме државата како дом на сите граѓани – порача Спасовски во интервју за 4ТВ.