ПО ЛИТИУМСКАТА, СРБИЈА Е ВО ЗЛАТНА ТРЕСКА Ќе го отклучи ли Македонија својот рударски потенцијал?
И додека Србија стратешки инвестираше во истражување на своите рударски ресурси, придобивајќи економска и геополитичка моќ, Македонија заостанува, без отворени нови рудници во последните четири децении.
На помалку од 300 километри од Скопје, на планината Рогозна во Србија е најдена златна руда вредна 11 милијарди долари, а ја откри австралиската компанија „Стрикленд металс“.
Неодамна српските власти го рестартирaа и процесот за отворање рудник за литиум кај Јадар под концесија на светскиот рударски гигант „Рио Тинто“ што беше повод и за потпишување Меморандум за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, за синџири на производство на батерии и електровозила меѓу Србија и Германија.
И додека Србија стратешки инвестираше во истражување на своите рударски ресурси, придобивајќи економска и геополитичка моќ, Македонија заостанува, без отворени нови рудници во последните четири децении.
Рударството во Македонија е со сѐ помало учество во бруто-домашниот производ на земјата и засега актуелната состојба во овој сектор е многу далечна од приоритетите кои во изминатиот период се поставуваат во светот, но и во Европската Унија.
Во Македонија нов рудник се нема отворено изминатите 40 години. Наспроти фактот што земјава поседува голем дел од критичните минерали по кои трага Унијата, инвестициите во рударскиот сектор во Македонија се соочуваат со низа пречки.
Засега не е познато како новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе влијаат на развојот и евентуалното отворање на нови рудници во земјава. Проценките на познавачите се дека земјава располага со руден потенцијал вреден 25 милијарди евра.
Според надлежностите, новоформираното Министерство ќе одговора за спроведување на „Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини на Република Северна Македонија 2025 – 2045“, која се очекува годинава да биде усвоена.
Од Македонската асоцијација на рударство истакнаа дека учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство на земјата во изминативе неколку години се искачи над 11 проценти, што е показател дека оваа индустриска гранка располага со потенцијал за натамошен раст. Извозот во овој сектор традиционално секоја година надминува 200 милиони долари, од кои над 75 проценти отпаѓа на извоз на метални руди. Од МАР истакнаа дека и покрај сите предизвици поврзани со енергетската криза и геостратешките влијанија врз вкупната глобална економија во 2022 година, домашната рударска индустрија забележала раст на извозот за 17,9 проценти, надминувајќи вредност од 280 милиони долари.
Оттаму повикуваат да се поддржат развојот и новите инвестиции во домашното рударство, чија реализација ќе се одвива согласно законските прописи. Според МАР, домашната рударска индустрија и во кризни времиња покажала дека е витална индустриска гранка која успева самостојно, без поддршка од државата, испорачувајќи сигурност и стабилност.
Компаниите кои сакаат да инвестираат во развој на рударски комплекси посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста.
Изминативе години нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“, а потоа и рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе има пресуда во своја корист пред меѓународна арбитража.
Сега се очекува да се дознае дали ќе се реализира инвестицијата за рудник за бакар во Иловица на мултинационалната компанија Трафигура. И овој инвеститор се соочи со низа предизвици и оттаму најавија можност за покренување меѓународна арбитража, доколку властите во земјава не ги спроведуваат законите и судските пресуди. Според информациите, меѓународната арбитража во овој случај, би можела да ја чини државата најмалку една милијарда евра.
Покрај ова, формирањето на новото Министерство доаѓа во период кога Европската комисија ги вклучи литиумот, бакарот и други метали на листата критични суровини и одлучи да го стимулира нивното производство на континентот.
Унијата се стреми да биде климатски неутрална и да има економија и индустрија со нула емисии на штетни гасови до 2050 година, а за тоа да го оствари ќе ѝ бидат неопходни најразличен вид минерални суровини. Поради зголемената побарувачка за бакар ширум Европа и светот, цената на овој метал руши рекорди. Бакарот почна да се продава за 10.000 долари за тон, достигнувајќи ново двегодишно највисоко ниво. Прогнозите покажуваат дека цената ќе продолжи да расте. Франција, Германија и Италија повикаа приватните инвеститори да се прилагодат кон развојот на производството на т.н. критични минерални суровини, зашто трите земји веќе подготвуваат инвестициски фондови од 2,5 милијарди евра за оваа намена. Како што пишува Еуроњуз, трите земји на ЕУ заеднички ќе ги финансираат домашните рударски процеси за да обезбедат доволно метали за енергетската транзиција што ја спроведува Унијата.