ПО ЦЕЛОНОЌНА БИТКА, ПОЖАРОТ ПОД ПЕЛИСТЕР Е ПОД КОНТРОЛА Ново опасно жариште кај Градец, гори борова шума

Стојанче Ангелов соопшти дека огнената линија под Пелистер е запрена по целоноќна битка. Кај Градец хеликоптер се обидува да го запре кракот од пожарот што се движи кон селото. Опасноста од нови пожари, сепак, останува многу висока низ целата држава.

1

Пожарот под Пелистер е ставен под целосна контрола по жестоката битка со огнот во текот на ноќта, соопшти Стојанче Ангелов, првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување. Новото опасно жариште е кај селото Градец во општина Врапчиште, каде што гори борова шума.

Од 23 пожари на отворено регистрирани вчера, седум утрово сè уште се активни, информира Ангелов.






Најтешката битка изминатите два дена се водела во подножјето на Пелистер. Пожарот почнал од преспанската страна, а огнот вчера ја преминал противпожарната пресека.

– Во текот на вчерашниот ден, во текот на ноќта, во текот на утрово водевме жестока битка со пламените јазици и можам да кажам дека утрово овој пожар беше ставен по целосна контрола – изјави Ангелов.

Екипите успеале да ја запрат огнената линија што вчера попладне излегла над противпожарната пресека. На терен се пожарникари од Ресен со силна поддршка од нивните колеги од Битола.

Ангажирани се и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со пет „пинцгауери“. Во текот на ноќта на терен дејствувале и доброволни пожарникари.

Во гаснењето утрово се вклучил и армиски хеликоптер со ведро од три тони. По него треба да дејствуваат два „ертрактори“ на Дирекцијата, а по потреба и полициски хеликоптер.

– Со еден збор концентрирани се големи сили за ставањето под контрола на овој голем пожар, но се работи за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона – изјави Ангелов.

Главната цел е огнот да не навлезе во квалитетната шума на Националниот парк Пелистер.

Второто тешко жариште се отвори синоќа кај селото Градец во општина Врапчиште, информира Ангелов. Пожарот зафати борова шума на тешкопристапен терен.

Полициски хеликоптер почна да дејствува рано утрово. Близината на мало езеро му овозможува да полни вода и да прави нов налет на секои пет до шест минути.

– Хеликоптерот помага за значително намалување на кракот којшто се движи кон селото – вели Ангелов.

Тој вели дека на терен се и гостиварските пожарникари. Доколку биде потребно, ќе бидат испратени дополнителни сили.

Активни се уште неколку пожари на поголеми површини. Според Ангелов, тие во моментов не се алармантни и не загрозуваат населени места.

Опасноста од нови пожари, сепак, останува многу висока низ целата држава. Дождот во источните делови само краткотрајно ја намалил сувоста на вегетацијата, смета првиот човек на ДЗС.

– Целата држава е високоризична од појава на пожар и притоа пожарите лесно може да се шират, особено ако на зафатените подрачја дува ветер – предупреди Ангелов.

 

Поврзани содржини