ПЕТМИНА ЌЕ ДОБИЈАТ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПО РАНОУТРИНСКАТА АКЦИЈА ВО КУМАНОВО Пари и
Полицијата подготвува кривични пријави против петмина осомничени за лихварство, изнуда и перење пари. При претресите биле пронајдени поголема сума пари и документација, а Народната банка проверува и менувачница поврзана со брат на еден од осомничените.
Пари и документи што упатуваат на лихварство и изнуда биле пронајдени во раноутринската полициска акција во Куманово. Под истрага се активности на криминална група која, според полицијата, дејствувала од 2021 година, а против петмина осомничени ќе бидат поднесени кривични пријави, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Според Јанев, групата дејствувала организирано, а полицијата располага со сериозни докази за незаконските активности на осомничените.
– Криминалната група дејствувала организирано и нивните активности се вршеле од 2021 година до сега. Значи, дејствувала на територијата на Куманово повеќе од пет години – изјави Јанев, одговарајќи на новинарско прашање за денешната полициска акција.
Тој откри дека истрагата била поттикната од информација што некој се осмелил да ја достави до полицијата.
– Некој се охрабрил да напише информација, да ја достави во рамки на полицијата и како полиција постапуваме одлучно, постапуваме по секоја дадена информација и не правиме никаква толеранција – рече директорот на БЈБ.
При претресите кај осомничените биле пронајдени поголема количина пари и документи што, според полицијата, укажуваат на позајмување пари и изнудување.
– Направени се претреси кај сите и притоа е пронајдена поголема количина пари и документи што упатуваат дека лицата се занимавале со позајмување пари, вршеле изнуди и врз основа на тоа предложено е да се прави претрес во нотарска канцеларија во Куманово – истакна Јанев.
Во истрагата е вклучена и Народната банка, откако биле пронајдени финансиски с едства за кои се проверува дали потекнуваат од менувачница во сопственост на брат на еден од осомничените.
Народната банка врши контрола и ревизија за да утврди дали пронајдената готовина навистина потекнува од менувачницата.
Јанев најави дека во текот на постапката се очекува да бидат одземени и возила, телефони, документација и други предмети што можат да послужат како докази.
Полицијата дејствува во координација со надлежниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, а по завршувањето на документирањето на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против петтемина осомничени.