ПЕСКОВ НЕГИРА ДОГОВОР ЗА ВОЗДУШНО ПРИМИРЈЕ Москва вели дека нема конкретни предлози за Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва нема добиено конкретни предлози за евентуално воздушно примирје со Украина, додека ги отфрли и тврдењата за можни нови распоредувања на странски сили.

0

Русија нема конкретни информации или предлози за евентуално „воздушно примирје“ со Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оценувајќи дека станува збор за непотврдени медиумски информации.

– Таквите информации се појавија пред неколку дена, но засега тоа не е ништо повеќе од медиумски шпекулации. Нема ништо конкретно во тоа, ниту за какви било нови формули или предлози за решавање на конфликтот – рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали Москва преку дипломатски канали добила информации за иницијатива за која би разговарал украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на САД.






Портпаролот на Кремљ истовремено се осврна и на прашањето за безбедноста на трговските бродови, посочувајќи дека руската морнарица ќе преземе мерки за нивна заштита, но дека нивно вооружување или дополнително опремување со одбранбени системи не е можно.

Според Песков, меѓународното поморско право јасно определува дека трговските бродови не смеат да бидат вооружени.

– Трговските бродови, согласно меѓународното поморско право, не можат да бидат вооружени бидејќи се комерцијални пловила. Дополнителна опрема за овие бродови исто така не е можна, па затоа ова во принцип е исклучено – изјави Песков.

Тој одби да ги коментира тврдењата на украинскиот претседател Зеленски дека Русија наводно размислува за вклучување на севернокорејски војници во воените операции во Украина.

– Мислам дека е непотребно да ги коментирам таквите изјави. Не е на Зеленски да зборува за нашите планови – рече портпаролот на Кремљ.

Зеленски претходно изјави дека Москва наводно ја разгледува можноста за распоредување на дополнителни 30.000 севернокорејски војници во војната во Украина.

Поврзани содржини