ПАЗАРОТ ЗАСЕГА ДОБРО ГИ РЕГУЛИРА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА Владата ќе реагира само ако има незаконско однесување на трговците

Заменик министерот за економија Маријан Ристески вели дека редовно се одржуваат средби со трговците, дистрибутерите, производителите и увозниците.

1

Заменик-министерот за економија Марјан Ристески денеска го повтори ставот на премиерот дека ако се утврди зголемување на маржите за одредени производи, првин ќе се разговара со субјектите, а потоа, ако се утврди дека покачувањето е неосновано, ќе се преземат мерки.

– И годишните податоци од Пазарниот инспекторат ги сублимираме, ги анализираме заедно со Владата. Ќе видиме кои ќе бидат наредни мерки. Меѓутоа, она што го кажа премиерот, јас ќе го повторам, дека онаму каде што ќе потврдиме дека има малку повисоки маржи – не секаде, некаде има и пониски од она што го покажува анализата, првин ќе се обидеме да разговараме, да видиме која е причината што ги покачиле нивните маржи. Ако утврдиме дека не е основано, тогаш ќе имаме и одредени мерки што би ги презеле – дали конкретно кон нив или поопшти мерки – ќе видиме – рече Ристески одговорајќи на новинарски прашања по работниот состанок во Стопанската комора.






Оваа Влада, потенцира Ристески, работи по пазарни услови – пазарна економија.

– Ние не одиме со ограничување и гледаме дека самиот пазар, на понуда и побарувачка, ги регулира добро цените, бидејќи порано, и некоја претходна влада која нонстоп имала вакви одлуки, мерки, ограничување на цените, директно мешање во пазарната економија – можеби ефектот бил мал додека трае мерката, меѓутоа тоа се пресликувало и се удвојувало во наредниот период кога ќе заврши мерката и тоа не е добро зашто, на крајот на краиштата, тоа го плаќаат повторно граѓаните. Затоа пазарната економија регулира, меѓутоа онаму каде што нема пазарна логика во зголемувањето некои цени, маржи и така натаму, е таму ќе реагираме бидејќи не сакаме да прават екстра профити на грбот на граѓаните во вакви тешки услови кога имаме светска економска, енергетска криза – истакна заменик-министерот.

Според него, мора да се внимава.

– Тоа го сублимираме, разговараме, нонстоп имаме дијалог – тоа ќе го потврдат и стопанските комори. Имаме дијалог и со маркетите, и со трговците, и со доставувачите, производителите, постојано сме во комуникација со увозниците. Цело време сме во тек и досега Владата покажа дека исправно постапува. Имаме и една од најниските инфлации во регионот, а со тоа директно сме го заштитиле и животниот стандард колку што можеме повеќе во овие тешки услови, меѓутоа без да направиме штета на приватното стопанство и економијата, бидејќи ним многу им помогнавме со мерките што ги спроведовме во однос на енергентите, а се еден од главните инпути во цените на крајниот производ – нагласи Ристески.

Тој се согласи дека граѓаните, сепак, ја гледаат крајната цена.

– Тоа е визуелниот ефект, но статистичките податоци ја даваат и комплетната економска состојба во Македонија. Не дека е идеално, не дека сме задоволни како Влада од инфлацијата, од цените – сакаме да има уште подобар животен стандард, меѓутоа треба да правиме многу добро анализирани и квалитетни мерки, кои навистина нема да направат, од една страна, уништување на животниот стандард на граѓаните како што било претходно, а од друга, потрес на приватното стопанство и на економијата во Македонија. Треба тоа да биде балансирано, во економијата треба да има балансирани работи за да опстојува државата и да оди напред – напомена Ристески.

Поврзани содржини