Ослободувањето на родител од работа не важи за вработените во полицијата, здравството и во војската
Министерот објасни дека ова ќе биде платено отсуство, дека не треба да се зема боледување или одмор.
Министерот за информатично општество и администрација, Дамјан Манчевски, во емисијата „24 Отворено“ даде појаснување за мерката ослободување од работа на еден од родителите на деца до 10 години, поради коронавирусот.
Тој истакна дека мерката важи само за децата кои посетуваат воспитно-образовна институција.
– Еден родител треба да да биде ослободен од работа, и ќе треба да достави потврда дека детето му оди во училиште или градинка – рече Манчевски.
Министерот објасни дека ова ќе биде платено отсуство, дека не треба да се зема боледување или одмор. Тој исто така додаде дека мерката за родителите важи за сите, освен за вработените во безбедносниот сектор, здравствениот или полицијата.
– Професијата што сите ја работиме бара ризици и откажувања, во овие моменти треба да покажеме висока општествена одговорност. Во ваква ситуација здравствените установи и безбедносните институции мора да останат со полн капацитет. Доколку двајцата родители се од ваков тип ќе има дополнителни мерки – вели Манчевски.
Во однос на бремените жени и хронично болните лица, Манчевски информираше дека мерката веднаш стапува на сила исто како што е со загадувањето, овие групи на граѓани не треба да одат на работа.