ЏОРЏА УДРИ ПО ТИТО, ПА ГО ПОТФАТИ МАКРОН Ќе ги вратиме Истра и приморјето, а Франција е одвратна
Отсекогаш бев против влезот на Хрватска во ЕУ додека не дојде до враќање на имотот на Есулите (староседелците на Истра и приморјето). Да не зборуваме за враќањето, директно, на (териториите на) Истра и на Далмација. Жртвите на Фиби и нивните најблиски заслужуваат почит и правда - веднаш повлечете го Орденот на Италијанската Република од Маршал Тито, вели новата италијанска премиерка. Во еден друг говор, таа „го потфати“ и Емануел Макрон, обвинувајќи го за бомбардирањето на Либија, велејќи дека не Италија, туку Франција е одвратна кога ги експлоатира африканските народи.
Контроверзната премиерка на Италија, мајката и христијанка Џорџа Мелони не престанува да изненадува со своите изјави и говори. Откако стана јасно дека таа ќе ја води најдесничарската влада во земјата под старото лого на „фашистичкиот“ оган на нејзината партија Браќа за Италија, медиумите почнаа да вадат нејзини скорешни изјави од пред изборите.
Во една од нив, Џорџа вели дека на Јосип Броз Тито треба да му се одземе италијанскиот орден бидејќи со тоа што Маршалот ги окупирал Истра и словенечкото приморје и ги отселил Италијанците староседелци во 1947 година тој направили колеж, јавува Б92.
„Апсурдно е да му се покажува чест на некој кој е одговорен за колењето на Италијанците. (Партијата) „Браќа на Италија“ одамна поднесе предлог-закон за ставање крај на овој срам. Жртвите на Фиби и нивните најблиски заслужуваат почит и правда – веднаш повлечете го Орденот на Италијанската Република за Маршал Тито“, напиша таа во февруари годинава на својот Фејсбук профил.
Мелони е децидна дека би сакала да ѝ ги врати Истра и Далмација на Италија.
– Отсекогаш бев против влезот на Хрватска во ЕУ додека не дојде до враќање на имотот на Есулите (староседелците на Истра и приморјето). Да не зборуваме за враќањето, директно, на (териториите на) Истра и на Далмација – рече Мелони, која објави статус поврзан со Јосип Броз Тито пред неколку месеци.
Меѓу личностите кои годинава се нашле на „тапетот“ на Џорџа е и францускиот претседател Макрон кој таа во еден остар говор го обвинува дека ја бомбардирал Либија, дека ја експлоатира Африка и дека Франција, едноставно, „е одвратна“.

– Емануел Макрон нè нарече одвратни, цинични и неодговорни; па италијанските медиуми почнуваат да прашуваат: „Чувте ли што рече за нас г-динот Макрон? Дека сме неодговорни. Каква срамота – вели Мелони.
– Неодговорни, Емануеле Макрон, се оние кои ја бомбардираа Либија зашто беа уплашени дека нема да ги задржат важните енергетски концесии договорени со Гадафи, па нè оставија ние денес да се соочуваме со хаосот од илегалната емиграција – продолжува таа.
– Циници, Емануеле Макрон, се Французите кои праќаа жандари да го вратат секој што ќе се обиде да ја премине границата во Вентимиља – огнено возвраќа Мелони.
– Одвратна е онаа Франција што продолжува да ја експлоатира Африка, печати пари за 14 африкански земји и им наплаќа дебели провизии, онаа што експлоатира преку деца што работат во рудниците, преку копање сировини, како што е тоа во Нигерија каде Франција вади 30 отсто од ураниумот потребен за работа на своите нуклеарни реактори, додека 90 отсто од граѓаните на таа земја живеат без струја – потцртува новата италијанска премиерка.
– Не доаѓај да нè учиш, Макрон, Африканците бегаат од таму поради тебе. Решение не е да ги префрлиме Африканците во Европа, туку да ја доослободиме Африка од некои Европејци. Не прифаќаме лекции, дали е тоа јасно? – му порачува Италијанката на Французинот.
Доаѓањето на Мелони на власт во Италија некои аналитичари го сметаат за почеток на еден голем десничарски пресврт во Европа, а за кој ги обвинуваат грешките на Брисел и на челниците на ЕУ. Сепак, утринава Мелони ја искажа својата поддршка за Украина и се узна дека ниту Путин не ѝ е мил.
А, од каде доаѓа тој фашистички оган во логото на партијата Браќа на Италија? Од логото на Социјалното движење (МСИ) кое било основано од поддржувачи на Мусолини во април 1945 година, движење од кое корен влече сегашната партија. Мелони рече дека „нема место за носталгија по фашизмот“ во нејзината партија и истакна дека нејзината цел сепак не е Италија да излезе од ЕУ, чекори кои многумина ги сметаа дека таа ги направи за да ја смири топката.
Сепак, од огинот во логото Џорџа не се откажа.