ОДОБРЕН Е ЛЕК ШТО ГО ПРОДОЛЖУВА ЖИВОТОТ КАЈ НАЈСМРТОНОСНИОТ РАК Новата таблета носи надеж за пациентите со напреднат рак на панкреасот
Американската FDA одобри лек за напреднат рак на панкреасот, кој во големо клиничко испитување значително го продолжил животот на пациентите
Американската Агенција за храна и лекови (FDA) го одобри Rasonque (дароксонрасиб), нова терапија за возрасни пациенти со метастатски рак на панкреасот кај кои болеста напредувала по претходен третман или кои не можат да примаат одредена комбинирана хемотерапија. Лекот го разви американската компанија Revolution Medicines и се зема еднаш дневно како таблетa.
Одобрувањето доаѓа откако големо клиничко испитување покажа значително подобри резултати од стандардната хемотерапија. Во студијата учествувале околу 500 пациенти со метастатски рак на панкреасот. Во клиничкото испитување, пациентите кои го примале лекот живееле во просек 13,2 месеци, додека кај оние кои примале стандардна хемотерапија просечното преживување било 6,7 месеци, односно, новата таблета речиси го удвојува времето на преживување.
Затоа лекот се опишува како потенцијален голем пресврт во лекувањето на напреднатата болест. Сепак, важно е да се нагласи дека не станува збор за лек кој го излекува ракот, туку за терапија која во клиничкото испитување значително го продолжила преживувањето кај пациенти кај кои болеста веќе била напредната.
Новиот лек делува на RAS, семејство протеини кои во клетките функционираат како своеобразни „прекинувачи“ и учествуваат во контролирањето на растот и делењето на клетките. Еден од нив е KRAS, протеин кој е особено важен кај ракот на панкреасот. Кај повеќето пациенти со овој вид рак постои мутација во KRAS генот, поради која сигналот за раст може да остане постојано „вклучен“ и да придонесува за неконтролиран раст на туморот. Новиот лек е создаден за да ги блокира овие сигнали и така да го забави напредувањето на болеста.
Тоа е важно бидејќи токму KRAS долго време се сметаше за исклучително тежок таргет за лекување. Новата терапија покажува дека е можно директно да се влијае врз овој механизам што го поттикнува растот на туморот.
Првите резултати од третата фаза на клиничкото испитување беа објавени уште во мај и предизвикаа голем интерес во медицинската јавност. Експертите тогаш ги оценија резултатите како исклучително значајни, особено затоа што пациентите со метастатски рак на панкреасот имаат ограничени можности за лекување.
Покрај продолжувањето на преживувањето, лекот во испитувањето имал и поинаков профил на несакани ефекти од хемотерапијата. Меѓу пријавените несакани реакции биле осип на кожата, мачнина, замор и повраќање, но кај дел од пациентите биле помалку изразени од токсичностите што често се поврзуваат со хемотерапијата.
Одобрувањето на FDA е забрзано, што ја покажува важноста што американските регулатори му ја дале на новиот третман. Лекот засега е одобрен во САД, додека неговата достапност и регулаторниот статус во Европа зависат од дополнителните постапки пред европските институции.
Цената е уште еден важен аспект. Според извештаите, 30-дневната терапија во САД чини околу 39.800 долари, иако производителот најавил програми за финансиска помош за пациентите.
Ракот на панкреасот и понатаму е меѓу најсмртоносните видови рак, па резултатите со дароксонрасиб се сметаат за значаен чекор напред.