ОД СЕМЕЕН РУЧЕК ИСТРЧАЛЕ ДА ГО СПАСАТ ПОЛИЦАЕЦОТ ВО КРАКОВ Синот на едниот oд хирурзите ги предупредил за пукањето
Двајца хирурзи истрчале на местото на нападот и почнале да им помагаат на повредените. Едниот го запрел крварењето на полицаец застрелан во градите, додека брзата помош сè уште не била пристигната.
Семејниот ручек на двајца хирурзи во центарот на Краков за неколку секунди се претворил во борба за човечки животи. Професорот Михал Педзивјатр и неговиот колега, хирургот Матеуш Виердак, биле со своите семејства во близина на пазарниот плоштад кога започнало масовното пукање.
Виердак подоцна му го запрел крварењето на полицаец застрелан во градите, а Педзивјатр смета дека со тоа несомнено му го спасил животот.
Првото предупредување за нападот дошло од синот на Педзивјатр, кој дотрчал кај татка си кога одекнале истрелите, пишува Би-Би-Си.
– Одеднаш син ми дотрча и рече: „Тато, таму пукаат во луѓето, луѓето паѓаат на земја“ – изјавил Педзивјатр за полскиот медиум „Факт“.
Двајцата лекари веднаш се упатиле кон местото на нападот. Таму затекнале повеќе повредени лица, меѓу кои и полицаец застрелан во градите за време на престрелката.
🚨 The moment the Krakow shooter was arrested. The attacker is wearing camouflage
He was wounded during the arrest.
The photo shows the weapon he reportedly used in the shooting.
— NEXTA (@nexta_tv) November 7, 2026
Виердак се обидел да го запре крварењето, користејќи завои и притисок врз раната. Неговиот колега Педзивјатр смета дека интервенцијата била пресудна, особено затоа што пристигнувањето на брзата помош се одолжило.
– Тој, колоквијално кажано, ги стави сите завои во градите на полицаецот и ги стави рацете. Да не беше тоа, не знам како ќе завршеше, бидејќи долго се чекаше брзата помош – раскажал Педзивјатр.
Додека Виердак му помагал на полицаецот, Педзивјатр се грижел за други повредени, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач, кому исто така му била потребна медицинска помош.
– Кога станува збор за спасување животи, не е важно кој е кој – изјавил професорот.
Педзивјатр истовремено стапил во контакт со болницата „Јован Павле Втори“, каде што има оддел за торакална и кардиохирургија. Инсистирал ранетиот полицаец да биде пренесен токму таму, поради специјалистите за повреди на градниот кош.
Масовното пукање во Краков однело шест животи на пазарниот плоштад, додека 16 лица биле повредени. Меѓу ранетите се и високите полициски службеници Јакуб Кулик и Артур Морањски.
Полицијата пронашла уште три тела во станот на осомничениот напаѓач. Според истражителите, станува збор за неговите родители и сестра.
Напаѓачот бил застрелан и се бори за живот во болница.
Меѓу шестмината убиени на плоштадот има четири жени и двајца мажи. Четворица биле полски државјани, еден бил Британец, а државјанството на шестата жртва сè уште не е објавено.
Полското Национално јавно обвинителство започнало истрага, која ја води единица специјализирана за терористички кривични дела.
Помош на повредените им пружиле и шестмина волонтери од Цивилната одбрана во Даблин, кои биле туристички во Краков. Тие применувале кардиопулмонална реанимација и техники за запирање крварење.
Полициските службеници Јакуб Кулик и Артур Морањски, кои беа тешко ранети при запирањето на вооружениот напаѓач во Краков, се разбудени од медицински предизвикана кома. Информацијата ја потврди портпаролот на Окружното обвинителство во Краков, Томаш Вашчук, за „Полсат њуз“. Двајцата беа оперирани и остануваат во болница, во тешка, но стабилна состојба.
Премиерот Доналд Туск ги нарече Кулик и Морањски вистински херои, нагласувајќи дека со својата интервенција веројатно спасиле многу човечки животи, изложувајќи се на смртна опасност.