📽️ ОД СЕЛО КАСИДОЛ ДО АВСТРИСКИ ДВОРЕЦ ОД 12.000 КВАДРАТИ Српската фолк-пејачка по разводот продолжи да живее во замок близу Виена, а не се откажа ниту од музиката
Уште пред бракот со бизнисменот Тони Бјелиќ, српската фолкерка Драгана Мирковиќ заработувала милиони од музиката, а заедно со него подоцна развила и семејни бизниси. По разводот, таа го задржала дворецот близу Виена, каде што живее со двете возрасни деца, снаата и внуката. Пејачката открила и како изгледа секојдневието во огромното здание
По речиси две години музичка пауза, српската фолк-пејачка Драгана Мирковиќ на 19 ноември ја објави новата песна „Дрина“, а само еден ден подоцна настапи во Софија. Пред неа е и посебен концертен предизвик: на 31 декември, за првпат во кариерата, ќе пее за новогодишната ноќ во Белград. И по повеќе од четири децении на сцената, 58-годишната пејачка не се повлекува од музиката, а нејзиниот живот и понатаму ја интригира јавноста – особено откако стана сопственичка на огромен австриски дворец, се разведе по речиси 25 години брак и продолжи да живее во него со своите деца.
Драгана е родена во селото Касидол, во близина на Пожаревац, во Србија. На музичката сцена се појави уште како тинејџерка, а првиот албум го објави во 1984 година, кога имаше само 16 години. Во осумдесеттите стана популарна и како членка на групата „Јужни ветар“, а подоцна изгради самостојна кариера со бројни хитови и концерти низ регионот и Европа. На нејзината официјална интернет-страница се наведени 42 години музичка кариера, 22 албума и 307 песни.
Нејзиното име со години се поврзуваше и со ривалството со Светлана Цеца Ражнатовиќ. Односот меѓу двете пејачки долго беше затегнат, а нивните ретки јавни средби и изјави редовно предизвикуваа внимание. Во 2018 година се сретнаа на снимање новогодишна програма на РТС, а во 2024 година Драгана позитивно реагираше кога Цеца и Вики Миљковиќ испеаја нејзина песна во емисијата на Цеца.
– Многу ми беше слатко – изјави тогаш Драгана, оставајќи впечаток дека односите меѓу некогашните ривалки можеби се смируваат.
Но, музиката не е единствениот извор на нејзиниот успех. Во приватниот живот, Драгана речиси 25 години беше во брак со бизнисменот Тони Бјелиќ, со кого има две деца – синот Марко и ќерката Мануела. За разлика од мајка им, тие не сакаат да бидат дел од естрадата и се држат подалеку од медиумите. Сепак, не се целосно надвор од семејниот бизнис. Во неодамнешно интервју Драгана откри дека има четири компании, покрај музичката кариера, а објасни и дека Марко се занимава со автомобилскиот бизнис, додека Мануела е задолжена за организација на настани.
Драгана и Тони заедно развивале различни деловни активности, меѓу кои и телевизијата ДМ САТ, основана во Пожаревац во 2005 година. Тони бил поврзан со автомобилскиот и градежниот бизнис, а семејството со години живеело во Австрија. Токму затоа приказната за богатството на пејачката не може да се сведе само на тоа дека се омажила за богат бизнисмен. Напротив, таа тврди дека уште пред да наполни 18 години станала милионерка, благодарение на музиката.
– Од првата плоча бев милионерка во динари, а во германски марки од 1988 година – раскажала таа, потсетувајќи дека нејзиниот татко бил збунет кога првпат отишол во банка да ги подигне парите што ги заработила. Сепак, за време на бракот со Тони двајцата заедно граделе и деловна империја, па нивното семејно богатство било резултат и на нејзината музичка кариера и на заедничките бизниси.
По разводот, според медиумските извештаи, нејзе ѝ припаднале дворецот и телевизијата ДМ САТ, додека Тони ја задржал компанијата поврзана со производството на луксузни автомобили. Тој сега живее во луксузна вила во Опатија, додека Драгана останала во дворецот во кој живее со синот Марко и ќерката Мануела, кои веќе се возрасни. Марко е оженет со Мелани, со која има ќерка Ксенија, па во дворецот живеат и снаата и внуката. Секој има свој кат: Драгана е на вториот, Мануела на првиот, Марко со семејството на третиот, а послугата на четвртиот.
– Сите сме како едно семејство – раскажала пејачката.
По објавувањето на разводот во март 2024 година, Драгана подоцна откри дека одлуката била тешка и дека во тој период голема поддршка ѝ биле децата. Во интервју за српските медиуми раскажала дека Марко и Мануела ѝ рекле:
– Мамо, ајде да си одиме“, по што таа поднела барање за развод. И покрај разделбата, нагласила дека го почитува Тони како татко на нивните деца и не сака јавно да зборува лошо за него.
Дворецот Ебенфурт, во кој Драгана живее од 2010 година, има околу 12.000 квадратни метри и во историските записи се споменува уште од 1160 година. Кога го купила, бил во лоша состојба, па пејачката вложила многу во неговата реставрација. Денес има обновени фрески, капела, кули, балска сала, а во една од најстарите кули се уредува библиотека. Во тек е и подготовка на музеј во кој ќе бидат изложени предмети пронајдени за време на обновата.
Токму за животот во дворецот повторно се зборува по прилогот на Нова.рс, објавен на 24 ноември, во кој се пренесува нејзиното гостување во емисијата „Спона“ на РТС. Сепак, посетата на водителката Вера Марјановиќ не е нова – таа ја посетила Драгана во јуни 2024 година. Во разговорот пејачката објаснила дека за секојдневното одржување на огромниот простор се грижат две жени, додека за високите прозорци и тешко достапните делови повикува специјализирана фирма.
Таа открила и дека на покривот има поставено соларни панели со кои произведува електрична енергија, па дури има можност и да продава струја. На прашањето за поволностите што ги има во Австрија, објаснила дека не станува збор за државни бенефиции, туку за разбирање кон вложувањето во објект со историска вредност. Драгана раскажала и дека сака повремено да го отвора дворецот за посетители, ученици и студенти, бидејќи смета дека такво историско здание не треба да остане затворено само за нејзиното семејство.
Дворецот, музиката и семејниот бизнис се дел од животот што го изградила по заминувањето од родното село Касидол. А и покрај разводот и сите промени во приватниот живот, Драгана продолжува да настапува, да снима песни и да го одржува богатството што го создаваше со децении.