📽️ НОВАТА „ТЕСЛА“ ЛЕТА И СЕ ПРЕВРТУВА ВО ВОЗДУХ „Роудстер“ забрзува до 100 км/ч за помалку од секунда
Автомобилот користи технологија од „Спејс екс“, но останува прашањето дали неговите воздушни акробации ќе бидат дозволени на јавните патишта.
Автомобил што се издигнува во воздух, прави салто и прескокнува други возила. Американскиот милијардер Илон Маск го претстави новиот „Тесла роудстер“ со демонстрација што повеќе потсетуваше на сцена од научнофантастичен филм отколку на вообичаена автомобилска презентација.
На тест-полигонот на „Спејс екс“ во Мекгрегор, Тексас, прототипот се искачи по висока закривена рампа, продолжи да се движи наопаку, а потоа се одвои од подлогата, се преврте во воздух и безбедно слета на тркалата.
Во втората демонстрација автомобилот изведе уште понеобичен маневар. Се издигна над низа паркирани возила на „Тесла“, меѓу кои „Сајбертрак“, „Семи“ и „Модел 3“, направи акробатско превртување и повторно слета.
– Па, успеа – изјави Маск по првата успешна демонстрација.
Како автомобилот успева да лета?
Тајната е во комбинацијата од два технолошки системи. Првиот користи моќни вентилатори под автомобилот, кои создаваат потпритисок и го прилепуваат возилото за подлогата, овозможувајќи му дури и да се движи наопаку.
Вториот систем користи млазници со компримиран гас, развиени со технологија од вселенската компанија „Спејс екс“. Тие создаваат потисок со кој автомобилот може краткотрајно да се издигне, да ја промени положбата во воздухот и да го контролира слетувањето.
– Има млазници за контрола на висината и главни млазници во задниот дел, па во основа може да лета како ракета – објасни Маск.
Тој додаде дека автомобилот може да изведува превртувања и необични акробатски движења, но се пошегува и дека не станува збор за возило чиј дизајн нужно е оптимизиран за безбедност.
Сепак, прикажаното не значи дека „Роудстер“ може да лета како авион. Засега се демонстрирани краткотрајни воздушни маневри во контролирани услови, а не продолжен самостоен лет.
https://t.co/KBWjjWknXe
— Elon Musk (@elonmusk) October 16, 2026
До 100 километри на час за помалку од секунда
Покрај воздушните акробации, „Тесла“ демонстрираше и исклучително забрзување.
Според компанијата, новиот „Роудстер“ може да достигне брзина од 60 милји на час, односно приближно 97 километри на час, за помалку од една секунда.
Во еден од тестовите биле измерени 0,81 секунда, но резултатот е добиен во демонстрација организирана од производителот и сè уште не е независно потврден.
Млазниците во задниот дел обезбедуваат дополнителен потисок, со што автомобилот не зависи исклучиво од силата што тркалата можат да ја пренесат на асфалтот.
Најмоќната верзија, наречена „Рокет“, според најавите на „Тесла“, би можела да достигнува брзина поголема од 370 километри на час.
9 години ветувања и одложувања
Новиот „Роудстер“ има долга историја. Маск првпат ја претстави неговата втора генерација уште во 2017 година, најавувајќи електричен спортски автомобил што ќе ги надмине перформансите на традиционалните суперавтомобили.
Тогаш се очекуваше производството да започне во 2020 година, но проектот повеќепати беше одложуван. „Тесла“ во меѓувреме им даде приоритет на „Модел 3“, „Модел Y“, „Сајбертрак“ и на развојот на автономното возење.
Идејата автомобилот да добие ракетни млазници Маск ја најави уште во 2018 година. Тој тогаш спомна можност за вградување десетина мали млазници, кои би го подобриле забрзувањето, сопирањето и управувањето, а можеби би му овозможиле и да полета.
Речиси една деценија по првото претставување, компанијата конечно демонстрираше дел од тие можности пред публика.
Но, сериското производство сега е најавено дури за 2028 година. Со оглед на претходните одложувања, останува неизвесно дали и овој рок ќе биде исполнет, пишува TechCrunch.
Ќе смее ли да лета на јавни патишта?
И покрај спектакуларната демонстрација, новата технологија отвора сериозни прашања за безбедноста.
Млазниците исфрлаат силни струи гас што би можеле да претставуваат опасност за пешаците, другите возила и предметите покрај патот.
Според достапните информации, верзијата „Рокет“, која е наменета за воздушни маневри, не е одобрена за употреба на јавни патишта.
Засега не е познато ниту дали сите прикажани акробатски способности ќе бидат достапни кај сериските автомобили или ќе останат ограничени на специјални верзии и контролирани полигони.