НОВ ОБИД ЗА НАБАВКА НА 150 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ Четири компании во трка за големиот тендер

Евалуациска комисија ги разгледува понудите за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи, а министерот Александар Николоски најави дека резултатите ќе бидат објавени во понеделник.

0

Четири компании доставиле понуди на повторениот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, наменети за јавниот превоз во Скопје и во другите градови низ државата. Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека во понеделник јавноста ќе биде информирана за резултатите од евалуацијата.

Повторениот тендер за набавка на електрични автобуси привлече интерес од четири компании, а нивните понуди во моментов ги разгледува евалуациска комисија составена од експерти од Министерството за транспорт и Машинскиот факултет.






Министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека извештајот од комисијата ќе го добие во понеделник, по што ќе биде јавно презентиран.

– Утрово добив информација дека во понеделник ќе го добијам извештајот. Четири компании аплицирале, а во понеделник јавно ќе ве запознаеме со извештајот и со наводите во него. Навистина се надевам дека овој пат повикот ќе биде успешен и ќе имаме успешна набавка на автобуси. Се надевам дека искуствата од минатиот повик ќе бидат поука и за компаниите да подготват добра и квалитетна документација – изјави Николоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Кисела Вода.

Обновениот тендер заврши во понеделникот, а сега следува процесот на евалуација на пристигнатите понуди.

Постапката беше повторена откако претходниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење беше поништен.

Според планот, 100 електрични автобуси се наменети за јавниот превоз во Скопје, додека останатите 50 ќе бидат распределени во другите градови низ државата.

Доколку тендерската постапка биде успешно завршена, ова ќе претставува една од најголемите инвестиции во модернизацијата на јавниот превоз и намалувањето на загадувањето на воздухот.

Поврзани содржини