📽️ НЕВИДЕН ПОЖАР ВО ШУМИТЕ КАЈ ПАРИЗ Некој го подметнал огнот кој затвори патишта и железници?

Околу 400 пожарникари и два авиона канадери се борат со огнената стихија што проголта стотици хектари шума во Фонтенбло. Евакуирани се повеќе од илјада жители и туристи, а властите не ја исклучуваат можноста пожарот да бил подметнат.

7

Силен пожар ја зафати шумата во Фонтенбло кај Париз. Околу 400 пожарникари денеска се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија  што зафати стотици хектари зеленило и се приближи до куќите.

Пламенот избувнал доцна синоќа во близина на автопат и досега уништил околу 800 хектари шума. Во гаснењето се вклучени два авиона канадери кои собираат вода од реката Сена, како и хеликоптери и извидувачки летала.






Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека се мобилизирани сите расположливи ресурси.

„На жителите на Сена и Марн им изразувам солидарност. На пожарникарите и спасувачките екипи кои работат неуморно им изразувам длабока благодарност“, напиша Макрон на Икс.

 


Повеќе од илјада жители и туристи биле евакуирани. Градоначалникот на Ле Воду опишал „ѕид од пламен“ кој брзо се ширел и стигнал до првите куќи на работ од населбата.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека истрагата не ја исклучува можноста пожарот да бил подметнат.

– Неколку одделни жаришта во радиус од околу еден километар укажуваат на можно подметнување – рече Нуњез.

Пожарот делумно затвори неколку главни сообраќајници околу Париз и предизвика сериозни нарушувања во железничкиот сообраќај. Патниците на станицата Гар де Лион се соочиле со доцнења и до шест часа, соопшти француската железничка компанија СНЦФ.

Властите оценуваат дека размерите на пожарот се исклучителни за северна Франција, каде вакви огнени стихии се ретки. Пожарот избувна во период кога десетици француски департмани се под највисок степен на тревога поради екстремна топлина и суша.

Поврзани содржини