НЕМОЌНИ ПРОТИВ ДОМАЌИНОТ Македонските ракометари загубија од Германија во вториот натпревар на ЕП 2024
По поразот од Германија со 25-34, македонската репрезентација теоретски ги губи сите шанси за пласман во главната фаза на ЕП 2024.
Машката ракометна репрезентација на Македонија загуби од Германија со 25-34 и го запиша вториот пораз во вториот натпревар на Европското првенство.
По стартниот пораз од Франција, Македонија не успеа да парира ниту на вториот силен противник во нашата група, селекцијата на домаќинот Германија. Според рејтингот и квалитетот германската репрезентација беше изразит фаворит во овој дуел, а избраниците на селекторот Кире Лазаров тешко успеваа да парираат и беа далеку од шанса за подвиг. Овој втор пораз во прелиминарната група, Македонија ги губи сите шанси за пласман во главната фаза на првенството.
Германија уште на стартот почна со силно темпо, поведоа со 5-2, а потоа релативно брзо се одлепија и на седум гола разлика 16-9 и на полувремето имаа предност од 18-13.
Серијата грешки и загубени топки и нереализирани шутеви во второто полувреме ја однесоа македонската репрезентација во уште подлабока негатива. Македонија имаше само повремени блесоци, но јасно беше дека не може да им парира на домаќините што на крај резултираше со убедлив пораз од 9 гола разлика.
Најефикасен во нашата селекција беше Ненад Костески со 6 гола, Пешевски и Јагуриновски постигнаа по 4, Митев реализираше 3. Томовски имаше пет одбрани, Митревски додаде уште две. Прв стрелец во составот на Германија беше Јури Кнор со 10 гола.
– Искрено не можам да бидам задоволен од играта, иако имавме добри моменти. Повторно имавме над 15 технички грешки против Германија. Ние зборуваме дека одбраната е лоша, но повторно имавме лесно продадени топки. Германците се цврсти, силни и домаќини се. Ние се обидовме да бидеме добри и дадовме отпор, но не беше доволно. Лошо го почнавме мечот, а потоа се обидовме да воспоставиме рамнотежа, но тие знаеја да ги искористат нашите грешки и да го решат победникот. Мислам дека во овој момент Германците се класа подобри од нас, а тоа го видовме на теренот. Треба да се работи многу, мислам дека не е реално да посакуваме дека во овој момент ќе ја победиме Франција или Германија – изјави селекторот Кире Лазаров по натпреварот.
Следниот натпревар на Македонија е во вторник од 18 часот против Швајцарија која во второто коло направи изненадување одигрувајќи нерешено против Франција (26-26).