НЕ ПОМИНА НИ ЕДНА НЕДЕЛА, ХУАНГ САКА НАЗАД ВО „ЕНВИДИЈА“ Американски министер негодува, компанијата на итен состанок

Џенсен Хуанг разговара со соработниците за можно враќање на чело на „Енвидија“, само неколку дена по заминувањето. Илон Маск ја поддржа кампањата за негово враќање, додека американскиот министер за финансии Скот Бесент бара драстични промени во компанијата.

139

Поранешниот извршен директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, веќе размислува да се врати на чело на технолошкиот гигант, само неколку дена откако даде оставка. Неговите сојузници во Силициумската долина организираат кампања за враќање, додека американскиот министер за финансии Скот Бесент бара компанијата да избере нов директор однадвор, објави „Фајненшл тајмс“.

Хуанг ја напушти функцијата по откривањето на неговата љубовна врска со Алис Хуанг, поранешна раководителка во сингапурската компанија „Мегаспид“, за која американските власти се сомневаат дека е поврзана со кинески разузнавачки активности. Во јавноста излегоа и информации за негова втора љубовна афера, со вработена во „Енвидија“.






Според извори на „Фајненшл тајмс“, Хуанг разговарал со блиски соработници за можноста повторно да ја преземе функцијата. Неговите поддржувачи формираат таканаречен кризен штаб, составен од влијателни луѓе од технолошката индустрија, кој треба да лобира кај одборот на директори.

Планирано е да се побара и поддршка од Белата куќа, а еден од сојузниците на Хуанг тврди дека поранешниот директор ги поддржува овие активности.

– Сите што се важни во технолошкиот сектор, со исклучок на водечките лаборатории за вештачка интелигенција, го сакаат Џенсен – изјавил изворот.

Маск застана зад Хуанг, Бесент бара нов директор

Кампањата за враќање на Хуанг доби поддршка и од извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“, Илон Маск.

Тој ја поддржа онлајн петицијата „Вратете го Џенсен“, која ја потпишаа и извршниот директор на „Епик гејмс“, Тим Свини, како и дел од вработените во „Енвидија“.

Поддршка дадоа и големите акционери Бред Герстнер од „Алтиметер капитал“ и Гевин Бејкер од „Атрејдис менаџмент“.

Тие го повикаа одборот внимателно да ги разгледа сите можности, вклучувајќи го и враќањето на Хуанг, посочувајќи го неговиот долгогодишен придонес во развојот на компанијата.

Но, американскиот министер за финансии Скот Бесент се спротивстави на ваквата можност.

– Поради ова сметам дека одборот, додека бара нов раководител, треба да бара надвор од компанијата. Потребни им се драстични промени – изјави Бесент во интервју за „Фокс њуз“.

Министерот побара одговори и за сомневањата дека напредни американски чипови за вештачка интелигенција завршувале кај кинески субјекти преку посреднички компании.

– Сакам постојано да се навраќам на тоа каква била културата во „Енвидија“ и дали ги поттикнувале овие навидум незаконски продажби за да ги зголемат приходите и добивката – рече Бесент.

Тој очекува одговори од одборот и надворешните правни советници во следните десет дена.

„Енвидија“ пред важен состанок со инвеститорите

Во меѓувреме, „Енвидија“ се подготвува за објавувањето на кварталните финансиски резултати во вторник.

Компанијата привремено ја води Колет Крес, која ќе треба да одговори на прашањата на инвеститорите за работењето и идното раководство.

Особено внимание се очекува на конференцискиот повик по објавувањето на резултатите, кога раководството би можело да даде повеќе информации за изборот на наследник на Хуанг.

Одборот веќе започнал да разгледува кандидати, но постапката сè уште е во почетна фаза.

Според „Фајненшл тајмс“, меѓу потенцијалните наследници се споменува и Рене Хас, извршниот директор на „Арм“, иако официјален изборен процес сè уште не е најавен.

Акциите на „Енвидија“ минатата недела изгубиле 12,7 отсто од вредноста, а компанијата се соочува со неизвесност околу своето раководство.

За разлика од некои други основачи на големи технолошки компании, Хуанг нема контролен сопственички удел што би му овозможил самостојно да ги поништи одлуките на одборот.

Аферата со Алис Хуанг и сомневањата за шпионажа

Кризата започна по откривањето на љубовната врска на Хуанг со Алис Хуанг, поранешна директорка во сингапурската компанија „Мегаспид интернешнл“.

Американските власти истражуваат дали компании поврзани со неа учествувале во пренасочување напредни американски чипови кон Кина, спротивно на извозните ограничувања.

Постојат и сомневања за можни кинески разузнавачки активности, но тие не претставуваат утврдена вина. „Мегаспид“ негира дека сторила нешто незаконско.

Одборот на „Енвидија“ отвори независна истрага за околностите поврзани со Хуанг, но соопшти дека, според неговата досегашна процена, националната безбедност и деловните тајни на компанијата не биле загрозени.

Дополнителен проблем претставува откривањето на втората љубовна афера на Хуанг, со вработена во компанијата која му била подредена.

Еден од учесниците во кампањата за негово враќање признал за „Фајненшл тајмс“ дека токму оваа врска претставувала основа за негово отстранување од функцијата.

Во исто време, американскиот Конгрес бара одговори за можните пропусти во контролата на извозот на чипови. Хуанг се согласил да сведочи зад затворени врати пред конгресни комисии, кои сакаат да утврдат дали биле откриени чувствителни информации.

ШЕФОТ НА ЕНВИДИЈА Е ПОВИКАН НА СОСЛУШУВАЊЕ ВО АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ Треба да ги разјасни сомневањата за шпионажа

 

Поврзани содржини