📷 НЕ ГИ СПРЕЧИ НИТУ ДОЖДОТ, НИТУ СТУДОТ За Кочани трчаа над 3.000 учесници во седум градови

Собраните парични средства од трката ќе бидат уплатени на сметката на Црвениот крст и оттаму ќе бидат испратени за настраданите во Кочани на кои им е неопходна рехабилитација и опоравување.

275

Спортисти и рекреативци од сите возрасти од Скопје и повеќе градови од земјава, и покрај постојаниот дожд, денеска се вклучија во хуманитарната трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“, која се одржа на Средно Водно. Трката беше организирана со цел да се соберат средства за настраданите во Кочани, а настанот се одржа во рамки на одбележувањето на Денот на Европа.

Хуманитарната трка ја организираа Делегацијата на ЕУ во Скопје и мрежата на Европска куќа во шест градови низ државата, а низ целата земја учествуваа над 3.000 лица. Стотина учесници, поделени во две категории – мажи и жени – трчаа на две дистанци: една од пет километри и друга од 10 километри, на патеката од Средно Водно до манастирот „Свети Пантелејмон“ и назад.






Првото место во трката на 10 километри го освои Роберто Димитриевски, втор беше Сашко Петков, а трет Јовица Ристовски. Во женска конкуренција првото место го совои Катарина Јовановска, втора беше Мери Шешо Најденовска, а третото место и припадна на Наташа Шопова.

На трката на пет километри прва беше Викторија Тодоровска, втора Елена Стојчева Андреевска, а трета Клара Блинков. Кај мажите на пет километри првото место му припадна на Сеат Климентиќ, втор беше Горан Брњарчевски, а трет Деко Марков.

– Среќен сум што победив на трката која беше напорна поради дождот, но се вклучив да ја искажам хуманоста кон своите врсници од Кочани на кои им е потребна понатамошна рехабилитација. Ние младите треба на дело да се помагаме и да дадеме поддршка кога е најпотребно. Од Велес утрово со воз дојдов во Скопје. На патеката на Средно Водно ниту обилниот и непрекинат дожд не ме спречи да дадам се’ од себе и да победам и со тоа им ја дадам својата поддршка на оние на кои им е најпотребна поддршка во нивната тешка трка за опоравување – изјави Роберто Димитриевски.

Собраните парични средства од трката ќе бидат уплатени на сметката на Црвениот крст и оттаму ќе бидат испратени за настраданите во Кочани на кои им е неопходна рехабилитација и опоравување.

Поврзани содржини