„НЕ Е ДОБРЕДОЈДЕН ВО ВЛАДАТА, НИЕ НЕ ИГРАМЕ ЗАТКУЛИСНИ ИГРИ“ Митева со остра реакција кон Таравари
Портпаролката Митева нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува стабилна и цврста, независно од одлуката на Арбен Таравари да се повлече од министерската функција и од Владата.
Владата останува стабилна и цврсто посветена на реформскиот курс, изјави Марија Митева, портпаролка на Владата и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. Митева зборуваше за ситуацијата околу излегувањето на Арбен Таравари од Владата и нагласи дека оваа Влада нема намера да учествува во политички калкулации и заткулисни игри.
– Ние ќе одиме на принцип на програмска определба, а не на бројки и валути. Во минатото владееја калкулации, сега тоа е завршено. Кој не се согласува со принципите на Владата, едноставно не е добредојден – изјави Митева.
Таа нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува стабилна и цврста, независно од одлуката на Арбен Таравари да се повлече од министерската функција и од Владата.
– Вие сте биле добредојден партнер додека сте се согласувале со принципите. Ако решите да отстапите од нив, вие веќе не сте дел од Владата. Тие го избраа патот на неуспехот, а ние продолжуваме по патот на реформите – додаде таа.
Митева се осврна и на ситуацијата во Собранието, каде веќе постои пратеничка група на Вреди со сопствен координатор, а посочи и дека од Алијанса за Албанците нема масовни оставки.
– Ако идејата навистина беше поддржана, оставките ќе беа поднесени уште следниот ден. Денови поминаа, а тоа не се случи – рече таа.
Според неа, обидот на поранешниот партнер во Владата е осуден на неуспех.
– Граѓаните се мудри и знаат да проценат. Тие ќе ја дадат поддршката на оние кои што ги реализираат реформите, не на оние кои само зборуваат за нив – заклучи Митева.