НАУТРО ПРОДОЛЖУВА ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ НА КИТКА „Злобниците повторно го палат“

Пожарот бил изгаснат, но повторно се разгорел по ново потпалување, тврди Ангелов. Екипите цела ноќ го бранеа Палиград, а наутро продолжува гасењето од воздух.

0

Пожарот на планината Китка повторно е активен откако претходно бил изгаснат. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, тврди дека огнот повторно бил намерно подметнат.

– За жал, некои злобници од користољубие или осветнички мотиви упорно го палат пожарот. Со ваквото поведение тие директно го ризикуваат животот на жителите од околните села под Китка – изјави Ангелов.






Според него, потпалувачите запалиле долга линија, по што пожарот брзо се проширил. Ангелов побара поголема будност од жителите и рече дека службите работат на откривање на сторителите.

Борбата со пожарот траеше и во текот на ноќта. Екипите го бранеа селото Палиград, кое беше загрозено од огнот. Гасењето продолжува наутро со „Ер тракторите“.

Ова е продолжение на серијата пожари и сомнежи за намерно потпалување во скопскиот регион. Претходно пожар избувна и кај Жеден над тетовско Бојане, каде што надлежните исто така се сомневаа дека огнот бил подметнат.

– Од извршеното хеликоптерско извидување можевме да забележиме дека дел од чадот на кој се жалат жителите на градот Скопје во некои населби доаѓа од пожарот кој се одвива во атарот на село Бојане на планината Жеден – изјави Ангелов кој имаше средба со тетовските пожарникари кои успеале да го стават под контрола овој пожар.

Случувањата на Китка претходно ги коментираше и заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов. Тој тврдеше дека на линијата меѓу пожарите се појавувале нови жаришта и случувањата ги окарактеризира како тероризам.

Според Михаилов, во петокот од 21 до 22 часот избувнале 3 нови пожари кај Маларека, Бабин Дол и Грнчарица. Во гаснењето учествувале пожарникари, шумски работници, воздухоплови и локалните служби.

Поврзани содржини