НАМАЛЕНА СМРТНОСТА КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА Напредокот во неонаталната грижа покажува дека системски промени се можни и во македонското здравство

Напредокот не е резултат на една изолирана мерка, туку на подолгорочна системска трансформација која вклучува обука на здравствениот кадар, стандардизација на протоколите во родилиштата, унапредување на перинаталната грижа и подобрување на пристапот до услуги за мајките, новороденчињата и ранливите групи.

0

Во рамки на проектот Converge2EU, објавуваме позитивни податоци за напредокот на Македонија во областа на неонаталното здравје, кои покажуваат дека земјата во последната деценија постигнала исклучително значајно намалување на смртноста кај новороденчињата и децата до 5 години.

Според анализата, неонаталната смртност во Македонија се намалила од 8,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца во 2016 година на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца во последните години. Со ова, земјата не само што се доближила до просекот на Европската Унија, туку во овој индикатор бележи и подобри резултати од европскиот просек, односно 174% конвергенција според користената методологија на Converge2EU .

Овој успех е особено значаен бидејќи во други здравствени области, како што се бројот на лекари и должината на животниот век, Македонија и понатаму дивергира, односно се оддалечува од европскиот просек. Сепак, намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата до 5 години покажува дека позитивни промени се можни и во македонскиот здравствен систем, доколку постои јасна цел, координирана работа и соработка меѓу сите страни: експертската јавност, институциите, здравствените работници, меѓународните партнери и политичките чинители.

Напредокот не е резултат на една изолирана мерка, туку на подолгорочна системска трансформација која вклучува обука на здравствениот кадар, стандардизација на протоколите во родилиштата, унапредување на перинаталната грижа и подобрување на пристапот до услуги за мајките, новороденчињата и ранливите групи. Значајна улога во овој процес имаат институциите, како и меѓународните партнери, меѓу кои UNICEF, WHO и UNFPA .

Во секоја реформа, клучна е одржливоста. Таа зависи од квалитетни кадри во рамки на системот, кои треба да се создаваат, поддржуваат и задржуваат независно од промените на политичките партии и властите. Само на тој начин може да се обезбедат долгорочни и квалитетни промени, како и вистинско доближување до стандардите на Европската Унија.

Во рамки на анализата Converge2EU се истакнува и пошироката важност на отворањето на европските фондови за Македонија, како и на полноправното членство во Европската Унија. Овие процеси се клучни механизми преку кои земјата може економски да се доближи до европскиот просек, преку намалување на сиромаштијата и зголемување на БДП. Економските фактори, пак, понатаму влијаат врз речиси сите други области, вклучително и здравството, образованието, социјалната заштита и демографските предизвици.

„Трансформацијата најчесто не се гледа само во индикаторите, туку во секојдневните искуства на семејствата. Кога прегледите, советувањето и грижата за мајката и новороденчето стануваат навремени, достапни и сигурни, тогаш системската промена станува дел од нормалниот живот“, се наведува во објавата.

Целосната анализа „Безбеден почеток: како Македонија го трансформираше неонаталното здравје“ е достапна тука:
https://zmai.mk/bezbeden-pocetok-kako-severna-makedonija-go-transformirase-neonatalnoto-zdravje/

Целосниот интерактивен dashboard на Converge2EU, со податоци, индикатори и компаративни анализи за процесот на конвергенција со Европската Унија, е достапен тука:
https://converge2.eu/

Поврзани содржини