НАЈЏЕЛ ФАРАЖ И ЕДИ РАМА СЕ СКАРАА ЗА АЛБАНСКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ, ПА СЕ ОПКЛАДИЈА Кој изгуби и што треба да направи губитникот?

Премиерот на Албанија и британскиот политичар влегоа во јавна пресметка поради спорни бројки за албанските затвореници во Обединетото Кралство. Рама ја отфрли изјавата на Фараж како „лудост“ и му понуди необична опклада – ако нема право, ќе биде негов почесен гостин во Тирана.

3,155

Британскиот политичар Најџел Фараж влезе во жестока вербална пресметка со албанскиот премиер Еди Рама, објави БНЕ Интелињуз.

Сѐ започна откако Рама во интервју за Гардијан ја нарече Велика Британија „мрачно место по Брегзит“, додека ја обвини за потрага по „места каде што може да ги исфрли мигрантите“.






На тоа реагираше Фараж, кој го обвини Рама дека треба да покаже „добра волја“ и да ги врати сите албански затвореници, тврдејќи дека „еден од 50 Албанци во Британија се наоѓа во затвор“.

Рама остро возврати на социјалната мрежа Икс на 28 јуни:

„Г-дин Најџел Фараж лично ме предизвика на тема факти! Каква чест за „џин човек“, како што ме опиша – да добијам внимание од британскиот мајстор на таблоидната политика.“

Тој ја нарече бројката „лудост“ и „класика од прирачникот за Брегзит“, но понуди необична погодба: ако тврдењето е точно, ќе ги врати сите затвореници; ако не е – Фараж ќе мора да дојде како негов почесен гостин во Албанија.

Во изјава за Телеграф, Фараж рече дека ќе го прифати предизвикот. Според него, бројката доаѓа од официјални податоци: 1.227 Албанци во затвор наспроти популација од 52.000, што е приближно 1 од 48.

Но Рама возврати дека вистинската популација на Албанци во Обединетото Кралство е далеку поголема – дури до 140.000 – и дека, дури и при претпоставка дека сите затвореници се виновни, стапката на криминал не е ништо поразлична од британската.

На 29 јуни, премиерот го заокружи својот одговор со саркастична латинска поговорка и директно му порача на Фараж:

„Да се греши е човечки, но да се истрае во грешката е ѓаволско. Бидејќи бројките очигледно не се ваша силна страна – ВИЕ ИЗГУБИВТЕ.“

Покрај своето обраќање, Рама објави и AI-фотомонтажа на која тој и Фараж се прикажани на плажа, во ретро костими за капење.

„Со нетрпение те очекувам во Албанија, како што ветивме – со вистинско сонце, топло гостопримство и со реални факти“, заклучи Рама.

Поврзани содржини