НА БУГАРИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА КАЗНА ОД 23 МИЛИОНИ ЕВРА Ќе биде прва земја во ЕУ казнета поради висок буџетски дефицит

Се очекува буџетскиот дефицит на Бугарија да достигне 5% од БДП оваа година, што е далеку од европското правило за дозволен дефицит од 3%.

197

Европската комисија објави дека на Бугарија ѝ се заканува казна до 23 милиони евра затоа што не успеала да го стави под контрола буџетското трошење. Поради состојбата на јавните финансии, Брисел остро ја критикуваше и Унгарија. Нејзината казна сепак ќе биде намалена на замрзнување на средствата од фондовите на ЕУ, бидејќи казни до 0,02% од БДП се предвидени исклучиво за членовите на еврозоната, пишува Политико.

Бугарија, од друга страна, би можела да биде погодена од обете мерки, а точниот износ сè уште треба да се одлучи.






– Очекуваме одлука за казната на крајот од оваа година или многу рано на почетокот на следната година – рече економскиот комесар Валдис Домбровскис.

Двете земји би можеле да останат без дел од средствата од фондовите на ЕУ ако не ги исполнат фискалните барања на Брисел до пролет.

Предупредувањата беа издадени како дел од најновата рунда економски надзор, позната како Европски семестар. Овој механизам се користи за контрола на јавните финансии во период на прекумерно трошење и раст на долгот низ целата Унија.

Најавената казна за Бугарија има и симболична тежина бидејќи земјата се приклучи на Еврозоната дури во јануари. Доколку биде изречена, тоа ќе биде прв пат во историјата една земја да биде казнета за кршење на фискалните правила на ЕУ. Тие правила диктираат дека буџетскиот дефицит мора да биде под 3% од БДП, а јавниот долг мора да биде помал од 60% од БДП.

Долгот на Бугарија е далеку под границата од 60%, но се очекува буџетскиот дефицит да достигне 5% од БДП оваа година.

Брисел проценува дека Софија не направила доволно за да го реши тој проблем. Брисел беше најблиску до воведување вакви казни пред десет години, во случајот со Шпанија и Португалија, но на крајот тие беа намалени на нула.

Европската унија ги реформираше тие правила по пандемијата за да се справи со проблемот со растечкиот долг, кој се појави откако владите трошеа многу за да ги извлечат економиите од најлошата рецесија од Втората светска војна. Според новиот систем, казните се помали за да се направи нивната примена спроведлива, без дополнително да се загрозат финансиите на земјите-членки.

-Идејата беше дека огромните казни ќе ги одвратат земјите од кршење на правилата – рече Домбровскис.

Сепак, објасни тој, се покажа дека токму тие високи казни ја направиле нивната примена непожелна.

-Затоа ги направивме казните значително помали и полесни за примена, за да не ги комплицираме дополнително фискалните проблеми на земјите-членки – додаде комесарот.

Поврзани содржини