НА АМЕРИКАНСКАТА АРМИЈА Ѝ СНЕМУВА МУНИЦИЈА И РАКЕТИ? Сенатор вели дека недостигот е „шокантен“
Сенаторот, кој е истакнат член на сенатската Комисија за вооружени сили, се повика на информации од Пентагон за залихите на конкретни видови оружје, меѓу кои ракетите „Томахавк“, „ATACMS“, „SM-3“ и муниција за системите за противоздушна одбрана „Патриот“.
Американската армија се соочува со сериозно намалени залихи на муниција и ракети, предупреди американскиот сенатор Марк Кели. Пратеникот на Демократската партија во Сенатот во интервјуто за „Си-Би-Ес“ рече дека не е воопшто претерување да се каже дека е „шокантно колку длабоко влеговме во армиските складишта“.
Кели уште посочи дека претседателот Доналд Трамп ги вовлекол САД во војна со Иран „без стратешка цел, без план и без временска рамка“, поради што, според него, биле потрошени големи количини муниција.
Сенаторот, кој е истакнат член на сенатската Комисија за вооружени сили, се повика на информации од Пентагон за залихите на конкретни видови оружје, меѓу кои ракетите „Томахавк“, „ATACMS“, „SM-3“ и муниција за системите за противоздушна одбрана „Патриот“.
Тој наведе дека обновувањето на резервите би можело да трае со години, без да прецизира дополнителни детали.
Кели предупреди дека во случај на продолжен конфликт, САД можат да се најдат во неповолна ситуација и да бидат во полоша позиција од онаа пред започнувањето на војната со Иран.
Инаку, Пентагон бара одобрување за значително зголемување на трошоците за одбрана. Во предлог-буџетот на администрацијата на Трамп за 2027 година за одбраната се планирани рекордни 1,5 трилиони долари.
Кели го оцени тоа како „скандалозно“, потсетувајќи дека пред пет години кога тој беше избран за член на Сенатот буџетот на Пентагон изнесувал 700 милијарди долари.