МУЦУНСКИ ОСТВАРИ БРОЈНИ СРЕДБИ НА ФОРУМОТ ВО АНТАЛИЈА Со генсекот на ОБСЕ зборуваа за безбедноста на Балканот
Средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, беше исклучително конструктивна, насочена кон размена на ставови за безбедносните предизвици и идентификување на потенцијалот за унапредување на регионалната стабилност и соработка, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во рамките на учеството на Анталија Дипломатскиот форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари низа билатерални средби, информираше Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„На маргините на форумот, тој се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Молдавија, Михаил Попшоју, со министерката за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили, како и со европратеникот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
На средбата со високиот претставник Шмит, фокусот беше ставен на политичката состојба во регионот, европската перспектива на Западен Балкан и значењето на постојана ангажираност за стабилност, мир и помирување.
Средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Синирлиоглу, беше исклучително конструктивна – насочена кон размена на ставови за безбедносните предизвици и идентификување на потенцијалот за унапредување на регионалната стабилност и соработка.
На средбите со министрите за надворешни работи на Молдавија и Грузија беше потврдена одличната билатерална и мултилатерална соработка, со заедничка заложба за зајакнување на економските врски и интензивирање на поддршката во рамки на европските интегративни процеси.
На средбата со европратеникот Илхан Кјучук, министерот Муцунски ја истакна важноста од отворањето и водењето на пристапни преговори како најдобар механизам за обезбедување на неповратноста на реформските процеси и демократскиот развој. Притоа, нагласи дека е неопходно деескалирање на билатералните блокади и враќање на процесот на европска интеграција во неговата суштинска рамка – оценка според заслуги и исполнети критериуми.