МУЦУНСКИ НА СРЕДБИ СО МИНИСТРИ ВО ФРАНЦИЈА Зборувале за зајакнување на врските Париз-Скопје

Заеднички изразивме задоволство од развојот на билатералните односи и разговаравме за понатамошна цврста и продлабочена соработка меѓу двете земји – како на политичко, така и на економско ниво, преку зајакнување на соработката помеѓу компаниите и владите. Упатив искрена благодарност за поддршката од Франција по трагедијата во Кочани, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

148

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во рамки на работната посета на Париз денеска остварил средба со Бенџамин Хадад, француски министер делегиран за Европа.

„Разговаравме за напредокот на нашата држава на патот кон Европската Унија, актуелната политичка состојба во регионот и значењето на нашата улога како одговорен фактор што активно придонесува за стабилноста и безбедноста во регионот“, напиша Муцунски на својата Фејсбук страница.






Воедно, додава министерот, двајцата ја потврдиле и силната и значајна поддршка од Франција за нашата европска перспектива.

„Ја нагласив цврстата посветеност на државата на реформите и полноправното членство во Унијата, како и нашиот принципиелен став во однос на европските интеграции – заснован на предвидливост, кредибилитет и јасни правила во процесот“, наведе Муцунски.

Претходно, Муцунски оствари средба со неговиот домаќин, министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро.

„Заеднички изразивме задоволство од развојот на билатералните односи и разговаравме за понатамошна цврста и продлабочена соработка меѓу двете земји – како на политичко, така и на економско ниво, преку зајакнување на соработката помеѓу компаниите и владите. Упатив искрена благодарност за поддршката од Франција по трагедијата во Кочани“, напиша Муцунски.

Истакна дека се заблагодаирил за француската поддршка за нашата евроинтеграција.

„Франција е наш искрен пријател и поддржувач. Се заблагодарив и за француската поддршка за исполнување на нашата стратешка цел – членството во Европската Унија. Министерот Баро ја реафирмираше цврстата поддршка на Франција за нашиот пристапен процес, истакнувајќи дека неговата земја ќе продолжи да се залага за проширување на Унијата и активно да придонесува кон остварување на оваа наша цел“, додаде Муцунски во објавата на Фејсбук.

Поврзани содржини