МИЛИОНЕРОТ БРАЈАН ЏОНСОН ТВРДИ ДЕКА СЕ КЛОНИРАЛ „Тукушто се клонирав… како новороденче“

Американскиот претприемач, познат по екстремните обиди да го забави стареењето, вели дека во лабораторија создал клетки што еден ден би можеле да помогнат во обновување на оштетени органи и за лекување болести.

0

Американскиот милионер Брајан Џонсон тврди дека во лабораторија создал сопствен „клон“ во форма на новороденче. Сепак, она што го опишува не е вистинско клонирање на човек, туку научен експеримент со клетки добиени од неговото тело.

Според Џонсон, ваквата технологија еден ден би можела да помогне во обновување на оштетени органи, развој на нови терапии и забавување на процесот на стареење.






Неговата објава доаѓа само неколку дена откако откри дека му била дијагностицирана хронична болест на желудникот.

„Бебето Брајан“ засега живее во лабораторија

Во објава на платформата Икс, Џонсон напиша:

– Тукушто се клонирав… како новороденче.

Но веднаш појасни дека не станува збор за вистински клон, туку за клетки создадени од неговата крв.

– Ова ‘бебе Брајан‘ засега живее во Петријева чинија – напиша тој, додавајќи дека некои луѓе ваквата технологија ќе ја доживеат како сцена од дистописка иднина, додека други ќе ја гледаат како иднина на медицината.

Што всушност направил?

Џонсон објасни дека од неговата крв биле издвоени клетки кои потоа биле третирани со таканаречените Јаманака фактори – молекули што можат да ги вратат зрелите клетки во состојба слична на матичните клетки.

Иако тој ги нарекува свој „клон“, научниците ваквите клетки ги опишуваат како индуцирани плурипотентни матични клетки (iPSC). Во лабораториски услови тие можат да се развијат во различни видови клетки, поради што се сметаат за едно од најперспективните подрачја на регенеративната медицина.

Џонсон верува дека во иднина оваа технологија би можела да се користи за обновување на оштетени клетки на кожата, црниот дроб, бубрезите или нервниот систем.

– Како што клетките стареат, во нив се натрупуваат промени што можат да доведат до послабо функционирање и болести. Оваа технологија отвора можност да истражиме како во дел од тие процеси би можел да се направи пресврт – напиша тој.

Неизлечивата болест како поттик

Милионерот откри дека дополнителна мотивација за овие истражувања му била неодамнешната дијагноза на автоимун гастритис.

– Спомнав дека дијагнозата на неизлечива болест е една од најдобрите работи што ми се случиле во последно време. Ми отвори нов начин на размислување за тоа како да го поправам и зајакнам телото – изјави Џонсон.

Претходно овој месец тој соопшти дека официјално му е потврден автоимун гастритис – состојба при која имунолошкиот систем го напаѓа сопствениот желудник.

Ова заболување може да доведе до оштетување на желудочната слузница и проблеми со апсорпцијата на одредени витамини, а симптомите често се појавуваат дури по подолг временски период.

Милиони долари за побавно стареење

Брајан Џонсон е познат по својот проект Blueprint, преку кој инвестира милиони долари во обиди да го забави биолошкото стареење и што подолго да ги зачува функциите на организмот.

Неговата рутина вклучува строго контролирана исхрана, бројни медицински тестирања и различни експериментални третмани.

Во минатото привлече големо внимание со трансфузија на крв од својот син, користење псилоцибински печурки и строго организиран дневен режим што започнува уште во 4:30 часот наутро.

Поврзани содржини