Мицкоски за учебниците: Децата ќе бидат образовно осакатени, ова е уназадување на образованието
Имајќи предвид дека ние имаме околу 250.000 учебници, а со оглед на тоа дека во некои делови од државата нема можности за користење на интернет, тогаш тоа значи дека над 25.000 дечиња ќе останат без можност за образование, предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на укинувањето на учебниците, како редовен професор кај кого поминале илјадници студенти, можам да кажам дека е една огромна глупост и уназадување на образованието, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за политиките на Министерството за образование во однос на укинувањето на учебниците.
– Јас не можам да разберам како еден социјален работник и активист, произлезен од социјалните организации, нема чувство за тоа во која насока треба да се движи образованието. Учениците се тие коишто треба да ги трпат овие непромислени потези на Царовска и тие ќе бидат образовно осакатени, а сето тоа само поради фактот што министерката не сака да запре со идеите кои не само што немаат никаква логика, туку и директно го урнисуваат образовниот систем. Имајќи предвид дека ние имаме околу 250.000 учебници, а со оглед на тоа дека во некои делови од државата нема можности за користење на интернет, тогаш тоа значи дека над 25.000 дечиња ќе останат без можност за образование – вели Мицкоски.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи тој закон да помине, иако сега власта сака законот да го врати, па да проба да го протне со европско знаменце.
– Доколку се обидат на таков подмолен начин, тогаш од ВМРО-ДПМНЕ ќе следи сериозна блокада на Собранието, со цел спасување на образованието и на генерациите кои следат – заклучи Мицкоски.