МАРИОВО ПОВТОРНО ГОРИ, ОГАН И ВО ШУМИТЕ КАЈ КИЧЕВО Пет активни пожари, два под контрола и 28 изгаснати

ЦУК информира дека во изминатото деноноќие биле регистрирани 35 пожари на отворен простор, од кои пет се уште се активни, два се под контрола, а 28 се изгаснати.

7

Пет пожари на отворен простор се уште се активни во земјава, а два се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во изминатото деноноќие, од 20 до 21 август до 07:30 часот, биле регистрирани вкупно 35 пожари, од кои 28 се целосно изгаснати.

Најголем предизвик и натаму е пожарот во Мариовскиот регион, на територијата на Општина Прилеп. Огнот е активен на потегот од селото Чаниште кон Крушевица и Лопатица, со краци кон Дуње и Црна Река, каде што гори ниска вегетација.






Активен е и пожарот во Општина Студеничани, на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде што е зафатена мешана шума.

Во Општина Македонски Брод, пожарот кај месноста Видуш, во близина на селата Драгов Дол и Локвица, гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Огнената стихија е активна и кај село Тајмиште во Кичево, во месноста Дарда, каде што е зафатена високостеблеста букова шума.

Петтиот активен пожар е во Општина Липково, кај селото Никуштак, каде што гори ниска вегетација и шума.

Под контрола се ставени два пожари. Во Општина Могила, кај селото Мојно, горела ниска вегетација, додека во Општина Крушево, меѓу селата Белушино и Јакреново, огнот зафатил ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Покрај активните пожари, пожарникарите и останатите надлежни служби во изминатото деноноќие интервенирале и на 28 локации каде што пожарите се целосно изгаснати.

Во скопскиот регион биле регистрирани пожари во Батинци, Љуботен, на улицата Сава Михајлов и во Виниче, главно на ниска вегетација, стрништа и отпад.

Во Новаци е изгаснат пожар кај селото Орле, додека во Струмица гореле стрниште во Просениково и ниска вегетација и ѓубре на улицата Климент Охридски.

Пожари биле регистрирани и во Калугерци кај Радовиш, Ново Село во Струга, Туин и Зајас во Кичево, Караслари во Велес, како и на депонија во Кавадарци.

Во источниот дел од земјава огнот бил пријавен кај Ило Виларов во Неготино, Ќоселари во Лозово и Теранци во Кочани.

Во кумановскиот регион биле изгаснати пожари кај Кучкарево – Градиште, Умин Дол и Режановце, а пожар имало и во Никуљане во Старо Нагоричане, каде што биле зафатени стрниште, ниска вегетација и дел од лозје.

Пожарникарите интервенирале и на депонијата во Крива Паланка, кај Гајре во Тетово, како и на потегот Челопек – Стримница, на територијата на општините Брвеница и Желино, каде што гореле депонија и нискостеблеста дабова шума.

Во Брвеница бил изгаснат пожар на нива со јачмен во Милетино, додека во Гостивар биле регистрирани пожари кај стадионот во населбата Фазанерија, во селото Церово и на потегот Лакавица – Србиново.

Од ЦУК посочуваат дека состојбата со пожарите се следи континуирано, а активните пожари остануваат под надзор на надлежните служби.

Особено внимание се посветува на пожарите кои зафаќаат шумски површини и оние на непристапен терен, каде што интервенцијата е дополнително отежната.

Со оглед на високите температури и сувата вегетација, надлежните повторно апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни и да не палат оган на отворено, бидејќи и најмалата невнимателност може да предизвика брзо ширење на пожар.

Поврзани содржини