ЛГБТ-ЗАЕДНИЦАТА ЌЕ МАРШИРА ПОД СЛОГАНОТ „СИТЕ НЕКА ЗНААТ“ Парадата ќе се одржи на 20 јуни во Скопје

Одборот за организација информираат дека и оваа година е во координација со МВР и полицијата, со цел настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

1

Организацискиот одбор на Скопје Прајд најави дека овогодишната „Парада на гордоста“ ќе се одржи на 20 јуни 2026 година во Скопје, под слоганот „Сите нека знаат“.

Во соопштението, организаторите оценуваат дека годинашниот месец на гордоста се одвива во услови на длабока политичка и општествена несигурност, обележана со глобални конфликти, климатска криза, инфлација, насилство и нефункционални институции.






Според нив, ЛГБТИК+ заедницата во земјава се соочува со засилен јавен и институционален говор на омраза, уназадување на веќе стекнати права и нормализирање на политики што различноста ја претставуваат како закана.

– Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат и продолжуваат да го отежнуваат правото на достоинствен живот – велат од Организацискиот одбор.

Оттаму посочуваат дека слоганот „Сите нека знаат“ е порака против замолчувањето и системското бришење на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.

Собирањето на учесниците ќе започне во 18 часот кај Фонтаната во Градски парк, а маршот ќе стартува во 19 часот. Поворката ќе се движи по булеварот Илинден, улицата Рузвелтова, булеварите Партизански одреди и ВМРО, како и по улицата Димитрије Чуповски, со завршница во Жена парк – Борец.

Организаторите велат дека изменетата и проширена рута не е само логистичка промена, туку и политичка порака дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани.

Во однос на безбедноста, од Одборот информираат дека и оваа година се во координација со МВР и полицијата, со цел настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Поврзани содржини