ПОСЕБЕН РЕЖИМ ВО ОХРИД ПОРАДИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ИНДИЈА Засилени полициски мерки и ограничувања во сообраќајот
СВР Охрид најави засилени активности за физичко и сообраќајно обезбедување, а граѓаните се повикуваат да ги почитуваат насоките на полицијата и да избегнуваат непотребно користење возила.
Поради претстојната посета на претседателката на Индија на Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид воведува засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај во градот.
Од денеска па сè до 22 јули 2026 година, кога индиската претседателка ќе престојува во Охрид, полициските служби ќе спроведуваат активности за физичко и сообраќајно обезбедување на улиците, сообраќајниците и објектите поврзани со посетата.
Од СВР Охрид информираат дека за спроведување на мерките веќе се остварени контакти со локалната самоуправа, службите задолжени за одржување на патиштата и улиците, јавните претпријатија, како и со други надлежни институции.
„Активностите се насочени кон обезбедување на сообраќајниците и другите објекти, со цел посетата да помине безбедно и непречено“, информираат од СВР Охрид.
Посебно внимание ќе биде посветено на регулирањето на сообраќајот, при што Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид веќе започна со засилени контроли, особено по булеварот „Туристичка“, но и на други улици и патишта каде што ќе има ограничувања за запирање и паркирање возила.
Мерките ќе ги опфатат и магистралните, регионалните и локалните патишта од Охрид кон Свети Наум, заштитниот појас покрај патиштата, улиците во населените места, како и паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид.
Од полицијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и да покажат разбирање за привремените ограничувања.
„Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат мерките што се преземаат за безбедност на сите учесници во сообраќајот. Се препорачува моторните возила да се користат само во неопходни случаи, а каде што е можно да се користат алтернативни превозни средства“, велат од СВР Охрид.