КОГО ЗАМАЈУВА АЛИ АХМЕТИ? Вреди го прашува како ДУИ ја платила зградата од 1.200 квадрати во Тетово
Коалицијата потсетува на аферата со Маѓар Телеком во која поранешните директори на Телеком во 2017 пред Окружниот суд во Њујорк признаа вина дека платиле мито од 5 милиони евра на политичари од владината коалиција на СДСМ и ДУИ во 2007 за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот сектор.
Али Ахмети преку медиумите си пишува писма сам на себе за албанскиот јазик, но молчи за фактот дека купил зграда од 5 ката во центарот на Тетово со површина од 1.200 квадратни метри, пишуваат во денешното соопштение од Вреди.
Од коалицијата велат дека одамна предупредуваат дека зад лажната грижа на ДУИ за правата на Албанците всушност се кријат тесно партиски интереси за богатење на партискиот врв.
-Бидејќи Али Ахмети се занимавал со „купи-продај” немал време системски и трајно да ги решава прашањата од суштинска важност за Албанците. Затоа, во наследство ни остави половични и недоречени акти кои сега сака да ги подметне како кукавички јајца – велат од Вреди.
Но, додаваат од коалицијата, доаѓа времето за одговорност, а јавноста очекува одговори.
-Дали новиот имот на ДУИ на атрактивна локација во центарот на Тетово бил во сопственост на Телеком?
Дали е точно дека овој имот прво е префрлен на подобно физичко лице со кое ДУИ после склучува договор за купопродажба? Каква врска има овој имот со аферата Маѓар Телеком? -велат од Вреди.
Оттаму потсетуваат дека поранешните директори на Телеком во 2017 пред Окружниот суд во Њујорк признаа вина дека платиле мито од 5 милиони евра на политичари од владината коалиција на СДСМ и ДУИ во 2007 за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот сектор. Во оваа постапка пред Окружниот Суд во Њујорк беа споменати имињата на Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулахим Касами.
– Нема повеќе простор Али Ахмети да глуми жртва. Митовите за него се рушат како кула од карти – велат од Вреди.