КИНА СЕ ЗАКАНИ СО КОНТРАЦАРИНИ КОН ТРАМП „Лага е дека му помагаме на Иран“

Пекинг ги отфрли обвинувањата за воена помош за Иран и предупреди дека ќе возврати доколку Вашингтон воведе нови царини.

149

Кина се закани со противмерки ако САД „продолжат со зголемување на царините“, за што Пекинг тврди дека се засновани на лажни медиумски написи за наводна кинеска воена помош за Иран.

„Извештаите во медиумите во кои се обвинува Кина дека му обезбедува воена помош на Иран се целосно измислени. Доколку САД продолжат да ги зголемуваат царините врз основа на тие обвинувања, Кина ќе одговори со контрамерки, објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи“, Гуо Џиакун на платформата Икс.






Тој додаде дека „Кина секогаш дејствува претпазливо и одговорно кога станува збор за извоз на воена опрема и спроведува строга контрола во согласност со своите закони и меѓународни обврски“.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена ѝ се закани на Кина со зголемување на царините за 50 проценти доколку Пекинг му обезбеди воена помош на Иран.

Гуо претходно на прес-конференција истакна дека Кина ги повикува сите страни да го почитуваат прекинот на огнот, да останат посветени на дијалогот и мировните преговори, да преземат конкретни чекори за намалување на регионалните тензии и што е можно поскоро да го вратат нормалниот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Тој наведе и оти американската блокада на иранските пристаништа е „опасна и неодговорна“, со што само ги зголемува тензиите, дополнително ќе го заостри судирот, ќе го наруши примирјето и ќе ја загрози безбедната пловидба низ Ормускиот Теснец.

Поврзани содржини