ИЗВЛЕКЛЕ НАД 73 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, ПА ЈА ТУРНАЛЕ ФИРМАТА ВО СТЕЧАЈ Ја уништиле компанијата за да не им платат на доверителите
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против две физички лица и едно правно лице поради сомнение дека со префрлање пари и имот на блиски лица намерно ја довеле компанијата до стечај, при што доверителите биле оштетени за над 13 милиони денари.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Штип против две физички лица и едно правно лице поради сомнение дека со незаконски дејствија намерно ја довеле компанијата во стечај, при што доверителите биле оштетени, а за себе и лица блиски до нив прибавиле противправна имотна корист од над 73 милиони денари.
Според информациите од Финансиската полиција, кривичната пријава е поднесена против управителот и сопственик на компанијата Ѓ.З., второпријавениот А.С. и самото правно лице. Тие се сомничат за сторени кривични дела „Намерно предизвикување стечај“ и „Оштетување или повластување на доверители“.
Истрагата покажала дека во периодот од 2022 до 2024 година осомничените дејствувале заеднички, со однапред утврдена намера компанијата да ја доведат во привидна финансиска немоќ и економска пропаст.
Во тој период, како што наведуваат од Финансиската полиција, биле склучувани штетни договори, а парични средства и друг имот биле префрлани на лица блиски до првопријавениот, без реален правен и економски основ.
Дополнително, управителот продавал движен и недвижен имот на компанијата по цени значително пониски од нивната реална пазарна вредност, без економска оправданост и на штета на фирмата и нејзините доверители.
Со ваквите дејствија, според истрагата, континуирано се извлекувале средства од компанијата, со што значително се намалила вредноста на нејзиниот имот и се оневозможило доверителите да ги наплатат своите побарувања.
Како последица на тоа, компанијата западнала во трајна неликвидност и неспособност да ги сервисира своите обврски, по што против неа била отворена стечајна постапка.
Од Управата за финансиска полиција соопштија дека со наведените дејствија доверителите биле оштетени за 13.268.816 денари, додека осомничените за себе и за лица во роднинска врска прибавиле противправна имотна корист во износ од 73.538.152 денари.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство во Штип, кое ќе постапува по поднесената кривична пријава.