Истрагата утврдила дека немало „бегство на Мијалков”
Надлежните обвинители кои постапувале и ги утврдувале околностите, по целосниот распит на сите инволвирани, заклучиле дека не постоел план за бегство, дека Мијалков не ја напуштил територијата на државата и дека цело време бил во Скопје.
Јавното обвинителство кое ја водеше истрагата за наводното бегство на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков пред неколку дена го затворило случајот со резолуција, дознава Плусинфо.
Зошто за одлуката сè уште се молчи, засега не успеавме да дознаеме, но факт е дека ниту еден од медиумите и надлежните органи кои пред три месеци побрзаа да заклучат дека станувало збор за бегство од правдата сега не излезе со информација за затворањето на случајот.
Според наши извори, во јавното обвинителство утврдено е дека дело не постои.
Надлежните обвинители кои постапувале и ги утврдувале околностите, по целосниот распит на сите инволвирани, заклучиле дека не постоел план за бегство, дека Мијалков не ја напуштил територијата на државата и дека цело време бил во Скопје.
Од вештачените телефони и комуникација, како и од другите прибрани докази и траги, утврдено е дека не постоела никаква дојава, ниту некој можел да помага, затоа што не постоела организирана намера за бегство.
Напротив, Мијалков немал обврска дента да се појави пред судот или пред некој друг орган за властите да го сметаат дека е недостапен.
Неофицијално дознаваме дека истрагата дури утврдила и пропусти во постапувањето на органите надлежни за достава и на другите органи кои можеле да стапат во контакт со одбраната на Мијалков и да го информираат преку нив за решението за куќен притвор, наместо да се крева медиумска врева за наводно бегство.
Според нашите информации, резолуцијата на обвинителите кои постапувале била подготвена и проследена до претпоставените, но очигледно некој од повисоките инстанци во ЈО одлучил дека случајот треба да се премолчи и јавноста не треба да биде информирана за исходот на оваа истрага. Освен резолуцијата, изворите од ЈО велат дека на неколку страници било доставено и предлог соопштение за јавноста кое не е објавено.
Мијалков повеќе од три месеци се наоѓа во притвор во Истражниот затвор Скопје и покрај тоа што понуди гаранција која е дваесет пати повисока од материјалната штета која му се става на товар. Жалбата сега е пред апелациските судии.
Денеска судот одлучи да му го замени ефективниот притвор на поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски со куќен притвор, а понудената гаранција беше двојно повисока.