ИРАН ПОСТАВИЛ 6 УСЛОВИ ИСТИ КАКО ПРЕТХОДНО? Трамп прво рече „ѓубре“, сега гледа „добри шанси“ за мир

Новиот мировен предлог на Иран до САД повторно вклучува укинување на санкциите, ослободување на замрзнатите средства, повлекување на американските сили и репарации за штетите од војната. Иако Доналд Трамп претходната понуда ја нарече „ѓубре“, сега тврди дека има „многу добри шанси“ за договор.

92

Иран испратил нов мировен предлог до Соединетите Американски Држави, а според првите детали, Техеран повторно поставил слични барања како претходно, пишува Ројтерс повикувајќи се на новинската агенција ИРНА.

Меѓу нив се: прекин на непријателствата, повлекување на американските сили од областите блиску до Иран, укинување на санкциите, ослободување на замрзнатите средства, крај на американската поморска блокада и репарации за уништувањето предизвикано од војната со САД и Израел.






Според ИРНА, се бара полекување на американските војници од сите фронтови блиску до Иран, вклучувајќи го и Либан.

Предлогот доаѓа во момент кога Вашингтон се обидува да избегне нова ескалација на Блискиот Исток и можен удар врз Ормускиот Теснец, еден од најважните светски правци за транспорт на нафта.

„Ѓубре“, па „добри шанси“

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела го нарече „ѓубре“ претходниот предлог на Иран.

Но, само неколку дена подоцна, тој изјави дека има „многу добри шанси“ за постигнување договор.

– Се чини дека има многу добри шанси тие да најдат решение. Ако можеме да го направиме тоа без да ги бомбардираме до смрт, би бил многу среќен – изјави Трамп.

Тој откри и дека го паузирал планираното продолжување на нападите врз Иран по новата понуда од Техеран.

Теснецот пак го крева алармот

Ројтерс наведува дека САД се под силен притисок да обезбедат стабилност околу Ормускиот Теснец, преку кој минува голем дел од светската трговија со нафта и енергенси.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп напиша дека лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побарале од него да не започнува нов напад.

„Ќе се постигне договор“, напиша американскиот претседател.

Пакистан посредува меѓу двете страни

Пакистан потврди дека повторно посредува меѓу Вашингтон и Техеран.

Извор од Исламабад изјавил дека иранскиот предлог веќе бил доставен до американската страна.

– Немаме многу време – рекол пакистанскиот извор.

„Мала“ и „голема“ нуклеарна активност

Висок ирански функционер тврди дека Вашингтон покажал одредена флексибилност.

Според истиот извор, САД биле подготвени да ослободат една четвртина од замрзнатите ирански средства и да дозволат ограничена мирна нуклеарна активност под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Американски функционер, пак, ги негирал тврдењата дека Вашингтон е подготвен да ги укине санкциите за иранската нафта додека траат разговорите.

Војната не го скрши Иран?

И покрај нападите на САД и Израел, Ројтерс наведува дека Иран и понатаму располага со збогатен ураниум, ракетни капацитети и регионални сојузници.

Во текстот се додава и дека иранското свештенско раководство ја преживеало кризата без знаци на организирано внатрешно уривање.

Поврзани содржини