ИНВЕСТИЦИИТЕ ОСТАНУВААТ ГЛАВЕН ПРИОРИТЕ Димитриеска-Кочоска кажа дека за две години се остварени 8 чекори од реформската агенда
На отчетната прес-конференција, таа истакна дека Владата го променила пристапот кон јавните инвестиции преку формирањето на Комитет за јавни инвестиции, со цел средствата да се насочуваат кон подготвени и одржливи проекти.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека јавните финансии се стабилизирани во изминатите две години и дека јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9% од БДП, што, според неа, е пониско од проекциите при преземањето на мандатот и најави дека инвстициите ќе останат приорите и во преостанатиот дел од мандатот.
На отчетната прес-конференција, таа истакна дека Владата го променила пристапот кон јавните инвестиции преку формирањето на Комитет за јавни инвестиции, со цел средствата да се насочуваат кон подготвени и одржливи проекти.
Според министерката, во изминатиот период се зголемила реализацијата на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, образованието, комуналните проекти, како и во одбраната и безбедноста.
– Денес јавните средства се насочуваат кон проекти кои се подготвени, оправдани и носат најголема корист за државата – рече Димитриеска Кочоска.
Во однос на подобрување на бизнис климата и извозот, таа рече дека се усогласени царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали со правилата на Европската Унија, а обезбедени се и 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, како и исто толку средства за капитални проекти во општините.
Таа информираше дека Министерството работи на измени на даночните закони и нов Царински закон, како и на дигитализација на финансиските процеси.
Според неа, значајно е и тоа што е воведен и системот OECD Pillar 2, со кој се воведува глобален минимален данок од 15% за големите мултинационални компании.
-Овој систем предвидува 15% минимален ефективен данок за компании со добивка над 750 милиони евра и обезбедува директен буџетски приход и голем структурен ефект во насока на спречување даночна конкуренција – рече министерката.
Министерката за финансии рече и дека е задоволна од приливите од даноците и царинските давачи кои, како што рече, се повисоки од планот и очекувањата.
Во делот на контролата, таа рече дека во изминатите две години биле одземени пет дозволи за работа на финансиски друштва, изречени казни на 18 друштва и преземени повеќе мерки за отстранување на неправилности.
Осврнувајќи се на пазарот на капитал, таа истакна дека третата емисија на граѓански обврзници привлекла 1.543 инвеститори кои вложиле повеќе од 33 милиони евра, што, според неа, е показател за довербата во економските политики.
Димитриеска-Кочоска најави дека ќе продолжат фискалната консолидација, дигитализацијата на јавните финансии, борбата против сивата економија и реформите насочени кон подобрување на деловната клима.
Во однос на Реформската агенда 2024–2027, министерката посочи дека Министерството за финансии реализирало осум од вкупно 22 исполнети реформски чекори, што придонело за одобрување на 142,1 милион евра средства од Планот за раст на Европската Унија.
-Реализиравме осум од вкупно 22-те чекори што досега ги исполни државата, односно 36% од сите исполнети чекори се на МФ, со што придонесовме за одобрување на 142,1 милион евра средства во рамки на Планот за раст на Европската Унија – рече Димитриеска- Кочоска и додаде дека овие реформи не се само исполнување на европските критериуми, туку создаваат поефикасни институции, подобро управување со јавните средства и подобри услови за економски раст и инвестиции.
Во областа на управувањето со средствата од ЕУ, комплетирана е, рече, институционалната рамка за спроведување на ИПА III повеќегодишните оперативни програми и обезбедени се 160 милиони евра неповратни грант средства, преку модалитетот на индиректно управување за ИПА. Дополнително, воспоставено е долгорочно решение за задржување и мотивација на кадарот ангажиран во управувањето со ИПА фондовите, преку обезбеден додаток на плата од 15% до 30% на основната плата.
-Едновремено обезбедивме брзо надминување на прекинот на исплатите во рамки на ИПАРД III преку спроведена серија на мерки и активности од страна на Националните структури и постигнавме рекордно ниво на искористеност на средствата, со 11% реализирани исплати и 29% склучени договори, што ја позиционира државата меѓу најуспешните корисници на ИПАРД средствата – рече Димитриеска-Кочоска.