ИНСУЛИНОТ Е НАБАВЕН, АПТЕКИТЕ И БОЛНИЦИТЕ СЕ СНАБДЕНИ Лекот е обезбеден за наредните 2 години

Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека инсулинот ќе се набавува на секои две години, со цел да се избегнат периодичните недостатоци - договорот веќе е потпишан со долгогодишниот добавувач, а јавната набавка е целосно завршена.

192

Министерот за здравство, Арбен Таравари, од Тетово информираше дека јавната набавка на инсулин е завршена, потпишан е договор и извршено е снабдување на аптеките и болниците со лекот за регулирање на шеќер во крвта. Тој рече дека јавната набавка е за наредните 2 години, што го оцени како начин да се избегне недостиг на инсулин.

– Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет, одлучија набавката за инсулин да се направи секоја втора година што мене ми се допаѓа. Многу е порационално да нема недостиг, секоја година се набавува, па додека пак се направи набавката, некогаш 2-3 до 10 дена недостасува. Ќе се набавува на 2 години, така веќе е завршена јавната набавка, потпишан е договорот со стандардниот добавувач, истиот речиси 10-15 години. Ова е рационализирање и мислам дека е подобро за сите граѓани, особено за тие со дијабет – изјави Таравари од Тетово.






На новинарско прашање, Таравари информираше дека сè уште го чека извештајот од комисијата за стручен надзор за случајот со починат пациент на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија – Скопје.

Министерот во Тетово на Медицинскиот факултет го посети тестирањето на лекари кои специјализирале во приватни болници, а се јавиле за вработување во јавните здравствени установи.

Поврзани содржини