ХОЛАНДИЈА ЈА БОЈКОТИРА ЕВРОВИЗИЈА И ВО 2027. ГОДИНА „Евросонг повеќе не може да се смета за неутрален“
AVROTROS ја повлекува земјата, оценувајќи дека воените поделби трајно го промениле музичкиот спектакл, кој годинава ќе се одржува во Бугарија.
Холандскиот јавен радиодифузер AVROTROS соопшти дека Холандија нема да учествува на Евровизија 2027, што ќе биде втор последователен бојкот на музичкиот натпревар. Одлуката е донесена поради продолжувањето на конфликтот во Газа, учеството на Израел и, како што наведуваат од радиодифузерот, недоволните гаранции дека Евровизија повторно има независен и неутрален карактер.
Од AVROTROS велат дека неодамна објавените промени од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) не им дале доволно уверување дека политиката ќе остане надвор од натпреварот. Според нив, меѓународните конфликти сè повеќе влијаат врз Евровизија и го поткопуваат нејзиниот неутрален карактер.
– Евровизија првично беше создадена за да ги зближува луѓето и земјите. Неспорно е дека меѓународните конфликти сè повеќе влијаат врз натпреварот, поткопувајќи го неговиот неутрален карактер – изјавил генералниот директор на AVROTROS, Тако Цимерман.
Холандскиот радиодифузер особено го посочува учеството на Израел во услови на војната во Газа. Тие сметаат дека хуманитарната состојба, прашањата поврзани со слободата на медиумите и политичкото мешање во претходното издание не се во согласност со вредностите што ги застапува јавниот сервис.
Холандија веќе не учествуваше на Евровизија 2026 поради истите причини. Тогаш AVROTROS одлучи да се повлече откако ЕБУ потврди дека Израел ќе може да учествува на натпреварот. За првпат по 24 години Холандија немаше свој претставник на Евровизија.
Интересно е што Холандија има една од најдолгите истории на Евровизија. Земјата учествуваше на првото издание во 1956 година и досега петпати победила – во 1957, 1959, 1969, 1975 и последен пат во 2019 година со Данкан Лоренс и песната „Arcade“.
Иако AVROTROS се повлекува, конечната одлука за тоа дали Холандија сепак ќе биде присутна на Евровизија 2027 е во рацете на холандската јавна радиодифузна организација NPO. Доколку се најде друг радиодифузер што ќе ја преземе холандската пријава, земјата би можела да има учесник и покрај одлуката на AVROTROS.
Евровизија 2027 треба да се одржи во Бургас, Бугарија, откако Бугарија победи на овогодишниот натпревар.