ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТАДИНОВ ЖЕСТОКО МУ СЕ ЗАКАНИ НА НОВИНАРОТ ЛАТАС Полицијата да го распита поради повикот за убиство, бара ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се одмаздува на свој начин. Матрицата на СДСМ е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

3,155

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува говорот на омраза од страна на Костадин Костадинов врз новинарот Драган Павловиќ-Латас и бара итна разрешница.

„Ова е доказ за тоталната безидејност на СДСМ. Кога немаат идеи – имаат омраза, кога немаат програма – имаат насилство, кога немаат политика и предлози – имаат некрофилија. Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се одмаздува на свој начин. Матрицата на СДСМ е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Ова се вистинските лица на соработниците на Зоран Заев и Венко Филипче – повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде, се додава во соопштението.

„Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов. Го повикуваме МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот на СДСМ по бруталните закани“, апелира владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вчера ја повика целата фамилија „според нивни закони“ да му се одмаздат на новинарот Драган Павловиќ – Латас затоа што се осмелил да го спомене неговиот татко.

„Ти ветувам: Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности. Од Малешевијата до Струмица – кај нас кога ќе ја чепнеш честа на мртов,
правдата не се моли. Се зема“, се закани струмичкиот градоначалник.

„Стапот има два краја. Твојот е безмилосен. Без прошка. Без заборав. Ова нема да помине. Ова ќе ти се врати. Не како текст – туку како живот. И нема крај додека ние не кажеме дека е завршено. Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, напиша Костадинов.

Веднаш реагираа од Македонската асоцијација на новинари (МАН), од каде го повикаа Јавното обвинителство „веднаш и недоложно по службена должност да преземе мерки за јавни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас од функционер – градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, по најмалку 6 членови од Кривичниот законик“.

Ви ја пренесуваме реакцијата:

Функционерот на СДСМ – градоначалник Костадин Костадинов, преку комјутерски, информатички систем (социјалната мрежа Фејсбук) јавно објави експлицитни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас, на ден 29.6.2025 година. Од експлицитните закани од градоначалникот Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ Латас издвојуваме:

Кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – ќе ти дојде наплатата !!
Цела фамилија те чека за суд што ние го држиме !!
Правдата се зема !!
Осветата ќе си ја добиеш!!
Освен овие експлицитни закани од Костадин Костадинов, неговиот статус е преполн и со имлицитни закани за животот на новинарот Драган Павловиќ Латас.

Јавното обвинителство е должно по службена должност веднаш и неодложно да преземе мерки против градоначалникот Костадин Костадинов кој во свое име и во име на целата негова фамилија изврши закани по повеќе основи од Кривичниот законик:

– Согласно член 122, став 9 од Кривичнот законик, новинар е службено лице.

– Согласно член 143 од КЗ, Костадинов како градоначалник врши малтретирање во вршење на службата

– Согласно член 144 – Загрозување на сигурноста, Костадинов врши серизони закани дека ќе нападне по став 1, став 3, став 4, а во врска со член 123 од Кривичниот законик за кривични дела против животот и телото.

– Истовремено, согласно член 382 од Кривичниот законик, Костадинов спречува службено лице во вршење на службено дејствие (член 1, 2 и 4)

– Согласно член 392 – самовластие, Костадинов се заканува во свое име и во името на неговата фамилија (став 1, 2 и 3).

Дополнително на ова, неговиот статус со експлицитни закани по животот и безбедноста на новинарот Драган Павловиќ Латас, поттикнува закани по животот и насилство и од други лица, што е видливо и од коментарите на неговиот пост.

Затоа, бараме неодложно и веднаш, Јавното обвинителство по службена должност и по ова наше јавно известување да преземе дејствија кон градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

Поврзани содржини