📽️ ГЛЕТКИ НА НЛО ИМАЛО И НАД ЕГЕЈСКОТО МОРЕ Пентагон објави нови 160 документи

Пентагон декласифицираше десетици документи за НЛО, базирани на сведоштва од цивили, астронаути и воени лица. Дел од извештаите опишуваат необјаснети маневри над Егејското Море, Блискиот Исток и за време на мисиите „Аполо“ во вселената.

41

Неидентификувано летало во 2023 година изведувало „повеќекратни вртења од 90 степени“ над Егејското Море со проценета брзина од 130 километри на час, стои во нов декласифициран воен извештај на Пентагон.

Ова е само дел од 162 нови фолдери со документи за НЛО кои ги објави Пентагон на веб-страница по налог на претседателот на САД, Доналд Трамп.

„Според објавените информации, два од извештаите поврзани со Грција снимени на видео се од крајот на октомври 2023 година, додека третиот датира од јануари 2024 година“, пишува грчка Прототема.

Документите се достапни на страницата на американското Министерство за одбрана. Опфаќаат сведоштва од цивили, астронаути и од воени лица, собрани во период од неколку децении.

Американските власти најавиле дека ќе бидат објавени и нови материјали.

 

„Можна ракета“

Во дел од документите има претходно класифицирани транскрипти од мисиите „Аполо 11“, „Аполо 12“ и „Аполо 17“.

Астронаутите опишувале необјаснети светлосни феномени за време на патувањата кон Месечината. Споменувале силни извори на светлина, блесоци и трепкачки објекти околу леталото.

Во еден од извештаите се наведува и видео снимено во 2022 година на Блискиот Исток. На снимката се гледал овален објект кој брзо се движел од лево кон десно.

Во придружниот извештај објектот бил означен како „можна ракета“.

 

Чудни маневри во небото

Документите содржат и сведоштва од цивили. Еден американски државјанин уште во 1957 година му пријавил на ФБИ дека видел голем кружен објект како се издига од земјата.

Слични пријави имало и во 2023 година.

Во други случаи се опишуваат објекти кои, според сведоците, изведувале маневри што тешко можат да се објаснат со позната технологија.

 

Нема докази за вонземска технологија

И покрај новите објави, американските власти повториле дека досега нема потврдени докази за постоење на вонземска технологија.

Пентагон со години собира и анализира пријави за необјаснети воздушни феномени, но официјалниот став останува дека ниту еден случај не потврдил присуство на вонземски летала.

 

Поврзани содржини