ГЛАСАЧКИТЕ ЛИСТОВИ БЕЗ ЛОГОТО НА ЕДНА НЕЗАВИСНА ЛИСТА Изборна нерегуларност во Центар
„Оваа неправилност е констатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина,“ се вели во соопштението на подносителите на независната листа избирачи.
Една граѓанска иницијатива реагира дека на избирачките места во општина Центар е забележана сериозна нерегуларност во изборниот материјал – логото на независните кандидати не било испечатено на гласачките ливчиња за градоначалници и советници.
Според нив, на листата за советници недостасувало логото на групата избирачи, како и на листата за градоначалници.
Од иницијативата посочуваат дека тоа е спротивно на членовите 97 став 1 и 98 став 1 од Изборниот законик, со што нивните кандидати биле ставени во нерамноправна положба и им било нарушено еднаквото избирачко право.
„Оваа неправилност е констатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина,“ се вели во нивното соопштение.
Од иницијативата велат дека се обиделе да поднесат приговор преку електронската форма на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), но системот во тој момент не бил во функција. Приговорот бил поднесен по електронска пошта и во архивата на ДИК.
Во прилог, тие доставија фотографија од избирачката листа и скриншот од електронската пошта преку која, уште на 11 септември 2025 година, било испратено логото до Општинската изборна комисија (ОИК).