ГАСНИТЕ ВРСКИ СО МАКЕДОНИЈА И СО РОМАНИЈА ЌЕ НИ ДАДАТ СИГУРНОСТ Вучиќ се фали дека договорил руски гас до 31 март
Српскиот лидер неодамна ја нагласи потребата за инфраструктурна надградба на енергетската мрежа, споменувајќи дека врските со Македонија и со Романија треба да ѝ дадат сигурност на Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека земјата ќе продолжи да добива руски гас до 31 март 2026 година, откако е постигнат нов тримесечен договор со Гcаспром. Тој изјави дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи Србија има доволно резерви од гас и електрична енергија за целата зима.
– Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас за следните три месеци. Нека луѓето спијат мирно, Србија ќе има и електрична енергија и доволно гас за претстојната сезона – рече Вучиќ на свечениот прием во Палатата „Србија“.
Српскиот лидер неодамна ја нагласи потребата за инфраструктурна надградба на енергетската мрежа, потсетува српски Блиц.
– Треба многу да градиме. Ќе изградиме интерконектор до Северна Македонија и нафтовод до Романија. Тоа ќе ни овозможи сигурност и независност – изјави Вучиќ.
Лидерот на Србија додаде дека Белград има информации оти „Гаспром“ преговара со унгарската компанија „МОЛ“ за учество во српската нафтена компанија НИС, што може да донесе промени во сопственичката структура на енергетскиот пазар.
Српската влада веќе подолго време го поставува обезбедувањето енергетска независност како приоритет.
Вучиќ нагласи дека Србија мора да обезбеди долгорочна стабилност на пазарот, без разлика на можните европски санкции.