ГАШИ НЕ ГО ПРЕКРШИЛ ДЕЛОВНИКОТ Ја свикал Комисијата за финансирање за да се испочитуваат роковите

Не станува збор за постапување кое претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура, се наведува во образложението од Кабинетот на Гаши.

28

Постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е целосно во согласност со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и во рамки на неговите уставни и деловнички надлежности, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието во врска со обвинувањата од претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека Гаши го прекршил Деловникот.

Од Кабинетот на Гаши соопштија дека на 18 мај 2026 година, врз основа на член 126 став 2 од Деловникот, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свикала 64 седница на Комисијата за 19 мај 2026 година, со почеток во 11:30 часот. Седницата започнала на 19 мај 2026 година и по утврдувањето на дневниот ред била прекината.






„Имајќи ги предвид роковите утврдени во член 176 став 2 и член 181 став 1 од Деловникот, повеќе од една третина од членовите на Комисијата, согласно 126 став 2, на 20 мај 2026 година доставија барање до претседателката на Комисијата за продолжување на седницата во деловнички утврдените рокови, но продолжението на седницата не беше свикано. Поради тоа, на 20 мај 2026 година, група пратеници до претседателот на Собранието доставија барање за свикување продолжение на 64 седница на Комисијата за финансирање и буџет, поради непостапувањето на претседателката на Комисијата по доставеното барање за продолжување на седницата. Со цел одржување на седницата во роковите утврдени во Деловникот, а согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието на 21 мај 2026 година го свика Првото продолжение на 64 седница на Комисијата за финансирање и буџет. Оттука, станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура“, се наведува во образложението од Кабинетот на Гаши.

Оттаму сметаат дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација.

Претседателот на Собранието, се наведува во соопштението, останува посветен на принципите на институционалност, правна сигурност и доследно почитување на Деловникот, без селективност и без политички калкулации.

Поврзани содржини