ФИРМАТА НА ЗЕТОТ НА АХМЕТИ НАПРАВИЛА ПРОФИТ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПРВАТА ГОДИНА ОД ПОСТОЕЊЕТО Дали е тајната во бизнис-партнерот?
Зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, ја основал фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во јануари 2022 година и истата година остварил милионски профит. До неодамна, бизнис-партнер во таа компанија му бил Ерџан Сулкоски. Истиот Сулкоски, освен во фирмата на зетот на Ахмети, во 2022 станал косопоственик и на компанијата РКЕ на Ратко Капушевски, која го доби историски најголемиот тендер за набавка на мазут за државни потреби чија вредност беше околу 120 милиони евра, објави „360 Степени“.
Како фирмата на зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, успеала да направи приход од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони евра во првата година од работењето?
Ова беше едно од прашањата за лидерот на Демократската унија за интерграција (ДУИ) во интервјуто за „360 степени“ емитувано на МРТ 1.
– Јас не ги знам конкретните податоци… Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин – изјави Али Ахмети за „360 степени“.
На забелешката дека 12 милиони евра приход и 2,5 милиони евра профит се многу за прва година на постоење на една фирма во Македонија, Ахмети одговори дека фирмата не била само на зетот.
– Мислам дека се повеќе компании, не е целата компанија на Куштрим. И за повеќе детали може да истражувате… – изјави Ахмети.
Инаку, проверката на податоците од Централниот регистар што ја извршила екипата на „360 степени“ покажала дека зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, во моментов е единствен сопственик на компанијата „К.С.А. Интернешнл“.
Интересно е тоа што имал еден партнер кога ја основал фирмата во јануари 2022 година – Ерџан Сулкоски, но тој од пред еден месец не е косопственик на „К.С.А. Интернешнл“, а Ахмети, како што вели, никогаш во животот не слушнал за т0ј човек.
Инаку, Сулкоски, додека бил партнер на зетот на Али Ахмети во фирмата „К.С.А. Интернешнл“, станал косопственик, а потоа и коуправител во фирмата „РКМ“ на Ратко Капушевски.
Станува збор за компанија која лани го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата и ја заврши годината со 110 милиони евра приходи, од кои 6,2 милиони евра профит. Прецизно, Сулкоски влегува во „РКМ“ по добивањето на големиот тендер, во август 2022 година.