ЕУ МОРА ДА СЕ ИЗДИГНЕ НАД НАЦИОНАЛНИТЕ ДРЖАВИ Валенса предупредува дека денешната демократија избира популисти

Демократијата избира лоши луѓе, популисти и демагози. Секоја избрана функција треба да биде ограничена на два мандата не подолги од пет години. Со враќање на одговорноста, можно е да се врати јавната доверба, вели поранешниот полски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир, Лех Валенса.

3

Поранешниот полски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир, Лех Валенса предупредува дека современата демократија е во сериозна криза и дека светот не успеал политички да се приспособи на брзиот технолошки развој. Во ексклузивно интервју за ЕУобсервер, Валенса оценува дека сегашниот политички систем „не е навистина демократија“ и дека сè почесто ги наградува популистите и демагозите, наместо најспособните политички лидери.

Европа во моментот покрај популизмот и назадување на демократијата се соочува и со структурална криза, истакна Валенса.






Според него технологијата го трансформира светот побрзо отколку што се адаптирала политиката.

– Нашето образование сè уште е подготвено за старите технологии, а не за нови. Не успеавме да се организираме на ниво што одговара на сегашниот технолошки развој на светот. Она што го имаме сега не е вистинска демократија – посочи 82-годишниот Валенса.

По падот на комунизмот, модерната цивилизација се приближува кон истата точка на пресврт што ги осуди големите цивилизации во минатото на пропаст, додаде тој.

– Ние сме ранливи на колапс. Тоа може да ни се случи и нам – посочи добитникот на Нобеловата награда за мир во 1983 година.

Валенса вели дека политичките партии сега се самоодржлива бирократија, а не средство за јавно претставување. Гласачите треба да имаат поголеми ингеренции за отповикување, а финансирањето на политичките партии да биде потранспарентно.

– Демократијата избира лоши луѓе, популисти и демагози. Секоја избрана функција треба да биде ограничена на два мандата не подолги од пет години. Со враќање на одговорноста, можно е да се врати јавната доверба. Но, ако тоа не се направи, демократијата ризикува да биде испразнета одвнатре. Не можете да изградите идеална држава на овој свет. Но, би можеле да работиме на таа идеална демократска држава – наведе Валенса.

Поранешниот лидер на движењето „Солидарност“ смета дека човештвото се наоѓа во историски момент во кој мора да создаде нови политички структури. Националните граници, традиционалните партии и досегашниот модел на национална држава, според него, се производ на минатото и веќе не можат да одговорат на глобалните предизвици.

Дојдовме до точка каде што никој не ѝ верува на друга нација, додаде тој.

– Сите стари структури од минатото, старите политички партии и старите структури на општеството, повеќе не се соодветни за времето во кое живееме… Треба да измислиме структури што можат да ги искористат најдобрите можностите на секоја земја. Европската Унија треба да се издигне над Европа и да биде способна да дејствува како вистинска сила во светот – потенцира Валенса.

Европа, во свет растргнат меѓу национализам, руски империјални амбиции и растечката моќ на Кина, тој ја гледа како клучен противтежен центар.

Валенса беше претседател на Полска од 1990 до 1995 година, а во мај годинава Европскиот парламент го одликува со Орденот за заслуги, признавајќи ја неговата улога во демократската трансформација на Европа.

Поврзани содржини