ЌЕ Ѝ СВЕТНЕ ЛИ НА ДАНЕЛА ДА ГО УКРАСИ СКОПЈЕ ПРЕД НОВА ГОДИНА? Скопските општини ќе штедат, ама не ги оставаат скопјани без радост
Уште пред неколку дена се обидовме да стапиме во контакт со градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот кабинет, и прашавме какви се плановите на Градот во врска со украсувањето на плоштадот Македонија, како и скопските улици, дали е во план некоја новогодишна програма, како и дали и оваа година ќе биде организиран „Винтерленд“, за жал не бевме удостоени да добиеме одговори на нашите прашања.
Новогодишните, а по нив и божиќните празници, се највеселиот период во годината, кога сите граѓани имаат посебно празнично расположение, но дали тоа ќе го почувствуваат скопјани годинава или градот Скопје ќе биде во мрак, останува мистерија. И покрај економската и енергетската криза и големите мерки на штедење, повеќето градови во светот сепак најавија дека ќе им овозможат на своите граѓани да ја почвуствуваат оваа празнична атмосфера. Скопските општини, за разлика од Градот Скопје, и во криза, наоѓаат алтернативни решенија за сепак да се почувствува празничната атмосфера.
Уште пред неколку дена се обидовме да стапиме во контакт со градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот кабинет, и прашавме какви се плановите на Градот во врска со украсувањето на плоштадот Македонија, како и скопските улици, дали е во план некоја новогодишна програма и дали оваа година ќе биде организиран „Винтерленд“, но за жал не бевме удостоени со одговор на ниту едно од тие прашања.
Градоначалничката Арсовска и лани ги остави скопјани до последен момент во неизвесност што точно ќе се случува. Ветуваше дека Скопје „нема да биде тажен“ град, откако го раскина договорот со компанијата „Линк медиа плус“, со која екс-градоначалникот Шилегов имаше потпишано договор во вредност од 240.000 евра. Потоа истата фирма беше ангажирана бесплатно да го стори тоа, иако украсувањето на градот беше најавено на 10 декември, тоа доцнеше повеќе од една недела, при што беше накитен градскиот плоштад и неколку улици околу него, па скопјани на социјалните мрежи реагираа за изгледот: „Мрачно“, „Тмурно“, „Катастрофално“, „Како да не е Нова година..“, „Можеби бесплатното украсување е невидливо“. Доцнеше и популарниот „Винтерленд“, новогодишниот базар на кој скопјани уживаат во предновогодишните денови, а во „5 до 12“ три општествено одговорни компании, се одважија во време на економска и енергетска криза, да придонесат за организацијата за свечениот дочек на Новата година на плоштадот „Македонија“ на кој настап имаа домашни изведувачи.
За разлика од Арсовска, повеќето скопски градоначалници со кои разговараше Плусинфо, веќе имаат планови на кој начин ќе ги анимираат или ќе им помогнат на жителите од нивните општини. Првиот човек на Аеродром, Тимчо Муцунски ни одговори дека поради економската и енергетската криза Општината не планира да ги украсува улиците и плоштадите туку ќе организира настан предновогодишна забава „Најмладите за Аеродром“.
– Во план ни е организација на истиот хуманитарен настан како минатата година „Најмладите за Аеродром“, кој сакаме повеќе да им го посветиме на дечињата од нашата општина, а притоа и да бидеме хумани. Кога станува збор за украсувањето на општината, истото го планираме како и минатата година, па поради економската и енергетската криза, не би сакале да имаме дополнителни трошоци. Ќе биде поскромно за разлика од претходно, но сепак да се одбележат празниците кои се пред нас – вели за Плусинфо, градоначалникот Муцунски. Тој додаде дека во следниот период аеродромци ќе бидат информирани за хуманитарниот настан.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски за Плусинфо вели дека поради кризата мора да се рационализираат трошоците, украсување на општината ќе нема, но најави предновогодишна забава за помладите генерации која треба да се одржи во близина на Културниот центар „Билјана Беличанец“.
– Имаме во план забавна програма, но притоа морам да истакнам дека трошоците ќе бидат сведени на минимум, поради тоа што имаме кратење на многу ставки поради состојбата во која се наоѓаме поради електричната енергија. Немам во план украсување на општината. Напразно е општините да организираат дочек на Новата година, затоа што нема посетеност, па поради тоа ќе направиме нешто за помладите генерации, забавна програма која ќе биде три или четири дена пред новогодишната ноќ – вели Ѓорѓиевски.
Општина Чаир има одвоено пари за нова намена во буџетот, но градоначалникот Висар Ганиу ни вели дека не сака сам да одлучува за што точно ќе бидат наменети туку тоа ќе биде донесено заедно со Советот на некоја од следните седници.
– Ние секоја година ја разубавуваме Општината со цел жителите да можат да ја почувствуваат новогодишната еуфорија. Сепак последниве две години не беше така. Лани овие средства ги пренаменивме за семејствата што ги загубија своите роднини во трагичната автобуска несреќа која се случи во Бугарија, а претходната поради ковид-кризата одлучивме да донираме амбулантни возила. Ние реално, како и сите други општини, имаме голем проблем со плаќањето на сметките за електрична енергија, се обидуваме за штедиме колку што можеме, па лично мислам дека е нелогично да украсуваме, а притоа улиците да ни бидат темни, затоа што ќе штедиме. Дали ќе помогнеме на некои од загрозените семејства, дали ќе направиме нешто за дечињата, сепак ќе треба да почекаме за тоа да одлучи Советот – ни рече Ганиу.
Енергетската и финансиска криза го спречува и првиот човек на Ѓорче Петров Александар Стојковски да ја украси општината, велејќи дека не може да се исклучуваат улични сијалици, а да се вклучуваат украси.
– Украсување нема да има, но затоа во план имаме базари со учениците викендот пред Нова година и со сопствени сили да ги анимираме граѓаните. За градинките има насока да се набават новогодишни пакетчиња за дечињата, а стандардно даваме пакетчиња и за првачињата, но овој пат тие ќе бидат во вид на училитшен прибор или нешто што ќе им користи во процесот на образование, па сметам дека со тоа ќе им помогнеме и на родителите. Не ги забораваме и социјалните случаи на кои секоја година, со помош на компании кои се наши соработници, им донираме храна, облека, средства за одржување на хигиена и слично. Ќе се обидеме и покрај многубројните предизвици кои се пред нас, малку жителите на Ѓорче Петров да ги оттргнеме од секојдневните проблеми со кои се соочуваат – вели градоначалникот на Ѓорче Петров.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски ни изјави дека Република Македонија се наоѓа во тешка енергетска и економска криза, па поради тоа нема да има украсување на општината и најави голема хуманитарна ација.
– Имајќи ја предвид сериозноста на постојаниот раст на цените и зголемувањето на сметките оваа година општина Гази Баба нема да врши новогодишно украсување на јавните површини. Она што ќе го направиме во пресрет на празниците е голема хуманитарна акција со која ќе овозможиме пакети со храна за над 500 социјални семејства на нашата територија со цел да можат достоинствено да ги поминат престојните празници – вели Стефковски за Плусинфо.
Градот Скопје нема ниту известување дали нешто друго се планира за разубавување на плоштадот за Нова година, дали ќе се поставуваат куќички, ќе има ли некаква забава барем за најмладите, но и за возрасните, па во очекување сме на градоначалничката Арсовска да видиме што точно ќе се случува во градот за време на новогодишните и божиќните празници.